Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека блокадата на Собранието не е начин да се уцени владата во распишување предвремени парламентарни избори.

Прво тоа не е дел од мојот карактер, второ, претпоставувам дека тој прави реминисценција на едни други времиња кога во 2014, 2015, еден друг политичар го уценуваше тогашниот премиер. Јас не сум таков човек, јас немам намера никого да уценувам, тврди Мицкоски.

Вели дека е подготвен во секој момент да седне на маса и да разговара за сите теми со Ковачевски, но на тие средби ќе мора да се разговара и за предвремени ибори.

Не треба сега да се пазариме, ова не е шведска маса, ова се проблемите кои што ги констатиравме. Ниту јас ниту Ковачевски имаме време на претек да се седи сега и да се разговара секој ден по 10 пати на различни теми. ќе седнеме еден, два, три денови, колку е потребно, и ќе разговараме на сите теми. Јас немам проблем да разговарам за се, но морам да разговарам и за предвремени парламентарни избори, прво затоа што тоа народот го очекува тоа од нас, второ затоа што огромно мнозинство од граѓаните, повеќе од 75 проценти, велат дека државата оди во погрешна насока и оваа влада мора да си замине. Ако ми верувате, на сите истражувања поддршката за владата е едноцифрена, што значи дека и оние природно што ги подржуваат другите коалициски партии, како ДУИ, Алтернатива, или помалите партии во коалицијата, ниту тие не ја поддржуваат владата, дециден е Мицкоски.

Соочен со фактот дека досега ниту една блокада на Собранието не му донела изборна победа на тој што блокира, Мицкоски тврди дека моменталната ситуација е драстично поразлична од претходно.

Во 2021 година, октомври-ноември, опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори и ВМРО-ДПМНЕ досега се однесуваше одговорно, чекаше потег и молеше за средба. Јас уште лани летото зборував дека ќе имаме проблеми со струјата, дека ќе ни се случуваат овие работи, дека работата не оди како што треба. Тогаш сите се подигруваа, односно се обидуваа да бидат мачо политичари, дури и тие што сега веќе не се активни во политката. Гледам дека по истиот тек продолжува и ковачевски. Ние сме подготвени да седнеме на тие средби во било каков формат. Затоа што цениме, а и народот тоа го кажува, дека оваа влада е проблемот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.