Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска нагласи дека мора да овозможиме младите да сонуваат и да ги остварат тие соништа. На денешниот свечен настан по повод 31 годишнина на УМС на ВМРО-ДПМНЕ – „Визија за победи, шанса за промени“ тој потсети колку е силен сонот и каде погрешивме низ годините.
– Во деведесеттите години сонувавме, мечтаевме да ги менуваме работите. Се сеќавам на еланот со кој влегувавме од еден систем во друг систем. Се сеќавам на надежта дека ќе ги подобриме постојните институции, без да ги уништиме. И тој наш сон не беше да го уништиме тоа што добро функционирало туку да го прифатиме доброто кое моравме да го направиме уште подобро. Се сеќавам дека и покрај сите можни удари кои ни ги даваше животот, редици за млеко, бензин, празни рафтови по продавниците, родители кои остануваа без работа, ние сепак сонувавме, се надевавме и се боревме. Денес драги пријатели сѐ помалку има од тој сон, од таа надеж и енергија која нѐ движеше низ тие години. Независно дали успеавме во сите тие наши соништа, ние тогаш се боревме. И историската одговорност на една генерација е доколку не успее да го оствари сонот, да го предаде факелот на надежта и пораката за борба на наредната генерација. Паралелата со денес говори дека сѐ помалку младите ја имаат таа шанса да сонуваат и како да е прекината таа точка на наследување на идеалите, борбите и соништата, ама наша е должноста таа шанса да им ја дадеме на младите генерации. Затоа сите заедно, многумина како едно да тргнеме во остварувањето на нашиот сон и нашата заедничка иднина. Македонија – држава на сите луѓе од сите места и градови, на рамноправни едни со други, со еднакви шанси искористени согласно со капацитетите на индивидуата. Не постои нешто што се вика апсолутна еднаквост на сите со секого, но секако дека постои борба за еднакви можности за сите и за секого. Затоа на младите мора да им ја дадеме нивната шанса, надеж и визија која заедно ќе ја отсонуваме. И тоа им го должиме ним, но и си го должиме нам… Како до тоа? Преку промени што се случуваат, преку коренити промени на свеста, преку заедничко дефинирање на нашите цели и преку покажување на пркосен отпор и верба во идеите. За да има промени, мора да има избори. А владата бега од избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.