Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски денеска остварија средба со Џајлс Норман, амбасадор на Канада во Република Македонија.

На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, се разговарало за актуелната политичка и економска состојба.

Претседателот Мицкоски ја истакна загриженоста од високиот степен на криминал и корупција во државата и слабиот капацитет од страна на владата на СДСМ за борба против организираниот криминал, укажувајќи дека изминатите 6 години откако владее СДСМ државата тоне во криминал, а за тоа говорат и фактите дека високи владини функционери се обвинети за незаконито делување и крадење на државни пари, се вели во соопштението.

Во однос на македонската економија, Мицкоски посочил дека економијата е пред целосен колапс а за тоа е директно виновна и одговорна владата на Димитар Ковачевски и СДСМ, бидејќи наместо да понуди добри економски политики кои ќе значат спас за државата и граѓаните од сиромаштија, нудат нереални и задоцнети мерки.

Претседателот Мицкоски се заблагодари на досегашната поддршката и соработка, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како нов предводник на новата влада ќе продолжи со интензивна соработка и натамошно унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.