Раздвижено е во најголемата опозициска партија. Активната блокада на парламентот и најавениот протест се само дел од активностите со кои ВМРО-ДПМНЕ го артикулира барањето за предвремени парламентарни избори, објаснувајќи ја разликата меѓу легалитет и изгубен легитимитет на Владата во време на сеопшта криза. За отсуството на дијалог власт-опозиција, билатералните и интеграциски предизвици, одговор побаравме од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Една од темите која засега навестува исчекор, формално не е од сферата на политиката, но е крупен дел од мозаикот на македонската историја, идентитет и сегашност.

ДВ: Во Белград се одржа Литургија на помирување меѓу српската и македонската православна црква, по одлуката на Вселенската патријаршија за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство, и одлуката на СПЦ да го прифати тоа. Стигнаа оценки дека станува збор за чудо и историски чин, но со оглед дека до очекуваниот статус – автокефалност на МПЦ – претстојат низа правни и црковно-управни прашања, дали навистина ќе сведочиме на чудо?

Мицкоски: Потребно е време да се искристализираат намерите и позициите на СПЦ во односот кон нашата Македонска православна црква-Охридска Архиепископија и тука би бил претпазлив во давањето на финални квалификации, воздржувајќи се до моментот кога ќе имаме јасни позиции од нивна страна. Добро е тоа што има зближување на меѓусебните релации и што отворено се зборува на оваа тема. Во тој контекст, од историско значење за нашата света православна црква е одлуката на Вселенската Патријашрија, водена од неговата светост Вартоломеј, бидејќи таквата одлука значи тргање на децениската шизма кон МПЦ и нејзино целосно признавање и вбројување во редот на признатите православни цркви во светот. Таквиот статус на канонско единство со останатите православни цркви значи признавање на статусот дека сме еднакви со другите. Историската тежина на таквата одлука е дотолку поголема зашто се однесува на името Охридска Архиепископија, овозможувајќи повеќевековен историски континуитет на нашата Македонска православна црква, вбројувајќи ја во една од најстарите цркви во овој дел на регионот и светот. МПЦ, пресликана во континуитетот на Охридска Архиеписикопија, е еден од најсилните бастиони и упоришта на постоењето на македонскиот народ, кој е различен од бугарскиот, српскиот и околни народи. Со таквата одлука на Вселенската Патријаршија овој факт се потврдува. Впрочем, ОА е браникот на тој духовен и културен идентитет околу кој се граделе и слободарските идеи за постоењето и формирањето на националните идеи, традиции, верувања. МПЦ-ОА, Синодот и поглаварот г.г. Стефан одиграа значајна улога во овој историски контекст. Почитувајќи ги одредбите за секуларна држава, но зачувувајќи го природното право, ВМРО-ДПМНЕ, како демохристијанска партија негува блиски врски со црквата и ја чувствува меѓу другото за природен сентимент во своето делување, во тоа име повикувам на единство и мудрост во овие времиња. Најважно е Синодот, владиците во него да го сочуваат единството и да останат посветени на верниот народ, и обединети со мудроста која сите луѓе во Синодот неспорно ја поседуваат, да издејствуваат целосно етаблирање и реализација на вековната борба за призната црква и нејзино прифаќање од сите останати православни цркви. Верувам дека г.г. Стефан со Синодот ќе донесат одлуки најдобри за нашиот народ и црква.

Помирувањето засега не е одлика што може да им се припише на односите меѓу власта и опозицијата. Најавивте протест на 18-ти јуни. Дали тој датум е некаков меѓник во вашите активности и зошто е нужен, ако активната блокада на парламентот ја сметате за соодветен механизам за вашите цели?

Ако прашањето е дали протестот и активната блокада е нужност, јас ќе ви кажам дека ќе бев посреќен доколку Ковачевски прифатеше дијалог со опозицијата, ако покажеше подготвеност за разговор за решенија кои му ги понудивме преку тимовите во 4 клучни области, и ако сето тоа да го проверевме пред граѓаните на избори. Неговото одбивање предизвика реакција преточена во активна блокада, засилена со голем граѓански протест, каде ќе порачаме дека премногу е од сѐ што досега видовме од оваа власт, дека молкот не е опција и дека ие време за промени кои ќе донесат иднина. Не сум човек кој импровизира и сум човек кој сака да биде точен. Не сум човек кој прибегнува кон радикални методи, но понекогаш заострувањето на делувањето е нужност, кога власта има целосно отсуство на разум. Одбран е 18-ти јуни како датум кој треба да биде меѓник помеѓу првиот и вториот дел од нашите активности, кои ќе бидат континуирани во текот на летото. Ние тргнавме во рушење на оваа власт затоа што изборите се решение на проблемите кои стануваат преголеми и сеприсутни. Активната блокада во парламентот ќе продолжи и нема да глумиме нормализација, затоа што и реалноста која ја живееме не е нормална. Воедно, митингот е на само неколку дена пред самитот на Советот на ЕУ, каде сѐ уште не се знае каков резултат може да се очекува, затоа што опозицијата се држи во целосен информативен мрак од страна на власта. Но тоа воедно значи дека не секој договор со источниот сосед ние ќе го поддржиме, и во таа насока сериозно ќе се елаборира секој член и преземена обврска.

Какви се Вашите прогнози за исходот од разговорите со Софија – ќе се отвори ли македонскиот интеграциски пат или ќе остане ветото?

Ќе се воздржам од какви било прогнози за исходот од разговорите, но сакам да апелирам на висока свесност и спречување на нова национална катастрофа за Македонија. Зрела држава мора да побара од Бугарија писмени гаранции за идентитетот, јазикот но и обврска дека Бугарија нема да нѐ блокира во понатамошниот пат на Македонија кон Европската Унија. Жалам, искрено жалам, што отсуствува мудрост од македонска страна. Она што требаше да биде македонска позиција со барање за писмени гаранции, станува бугарска позиција и сега гледам дека тоа го говори Радев. И тоа е пропуштена шанса за Македонија. Едноставно, или се нема знаење, или сервилноста е преголема од страна на Владата во Македонија. Не сме известени за никакви детали, но она што го барам од македонската влада е да води сметка за националните и државни интереси, и ниту еден договор спротивен на националните интереси нема да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Како ја оценувате идејата на францускиот претседател за формирање Европска политичка заедница, а сега и на Шарл Мишел за Европска геополитичка заедница, кои навестуваат создавање на „втора европска лига“?

Тоа е стар предлог на Франција, но она што е ново е што Владата на Ковачевски не дава отпор. Владата во Македонија не смее да се согласува на утешителни награди кои служат како алтернатива на Европската Унија. Тоа претставува изневерување на нашите искрени намери за членство во Унијата. Таквите предлози треба побрзо да се отфрлат, затоа што е преголема нашата инвестиција во Европската Унија. Она што Владата треба да го направи сега во разговорите со Бугарија, е да не дозволи бугарските позиции, кои се максималистички, да станат дел од општата преговарачка рамка која ќе стане услов за секоја идна влада. Моите информации говорат дека во моментот постојат такви обиди на проширување на преговарачката рамка, на што Владата треба да се спротивстави. Доколку сега се попушти, сериозно се разнишува позицијата на државата и се остава багаж за секоја идна влада.

Дијалогот власт-опозиција е клучната алка што со години недостига во македонската политика, но изгледа неверојатно дека со премиерот Ковачевски немате апсолутно никаква комуникација. Буквално ниту еден контакт?

За комуникацијата со Ковачевски на почетокот беше информирана јавноста, и надвор од таа комуникација досега немаме никаков контакт. Колку и чудно да изгледа, и покрај сите наши разлики и спротивставени гледишта, имавме нормална комуникација и со еден Зоран Заев, без оглед што договореното од таквата комуникација во најголема мера не се исполнуваше потоа. Но, сметам дека е нормално два политички субјекта, одговорни за политичката иднина, да имаат минимум комуникација. Отсуството на контакт кажува дека Ковачевски нема демократски капацитет и на тој начин ја штити неспособноста на Владата, која е евидентна.

И, дојдовме до тоа комуникацијата да продолжи со писма. Сега министерот за земјоделство, посочувајќи го периодот на економска и енергетска криза, а на подолг рок и потенцијална криза за храна, преку отворено писмо ве повика Вас и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да го овозможите донесувањето на девет закони, од кои, како што вели, директно и индиректно зависат 20.000 семејства. Како ќе одговорите?

Закочените закони за земјоделие не се последица на активната блокада, туку на активната неспособност на Владата. За министерот за земјоделие нема закочување кога ќе треба да се исплати на Заеви помош за земјоделие од 1,4 милиони евра. Но, кога ќе треба да се одблокираат закони од кои интерес ќе има тесна клика на власта, тогаш ја обвинуваат опозицијата. Опозицијата не прави активна блокада на ниските откупни цени на зелката и раноградинарските кутури на кои се жалат земјоделците, туку блокадата е поради неспобноста на надлежните во сопирањето на злупотребите и нелојалната конкуренција, како и неможноста да се помогне во пласманот. Власта да не наоѓа изговори за нивната неспобност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.