Христијан Мицкоски најави повлекување од политиката доколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дадат поддршка на уставните измени за внес на Бугарите. Тој порача да се стави крај на, како што вели, изјавите од власта дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат „за“ промените на Уставот, што произлегуваат од францускиот предлог.
Тука сакам да ја затворам таа тема. По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. Ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политиката, ако јас додека сум претседател, под овие услови, биде променет Уставот, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информира и дека утре продолжуваат разговорите со коалициските партнери во однос на иницијативата за референдум, поврзан со францускиот предлог. Дилемата е дали референдумот ќе биде предложен од 44 пратеници или пак ќе се собираат 150 илјади потписи за негово распишување.
Да го завршиме целиот овој процес и да излеземе со конечен став пред граѓаните – каков ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе одиме со 150 илјади потписи, дали ќе одиме со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее и од владините инсталации во опозицијата и од самата власт притисок дека имало пратеници вакви или такви и некој се двоумел, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.