Претседателот на ВМРО-ДПМН, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител истакна дека дава поддршка на наставниот кадар, ги споделува нивните маки за остварување на своите права и посочи дека СОНК треба да одговори зошто имаат осцилации во нивното делување.
– Од една страна имате влада која е проблем и дефинирана како хибриден режим и е криминализирана и корумпирана. Од друга страна ги имате професорите, наставниците и вработените во градинките. Јас сум универзитетски професор и тие се мои колеги во суштина. Јас го споделувам нивниот живот, бидејќи истите маки ги имаме и јас и моите колеги. Истите маки со нискиот стандард, демотивираноста, притисокот кој го чувствуваат од власта и затоа ги поддржав и ќе ги поддржам безрезервно кога искрено ги бараат своите права, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека никогаш не го нападнал водството на СОНК, туку прашува зошто имаа осцилација во ставовите пред и после состанокот во владата.
– Најпрвин велат го прекинуваме штрајкот па ќе ги слушнеме членовите, па членовите се произнесоа за продолжување на штрајкот и тие одлучија да бараат излезна стратегија во нешто што е спротивно на закон преку тој таканаречен медијатор кој доаѓа од кабинетот на министерката за труд и социјална политика, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека наставниците во неколку наврати кажуваа дека лошо живеат, им е потребно разбирање, примањата со кои располагаат се недоволни од први до први да се преживее.
– Неколку пати алармираа, а власта ги етикетираше и кога видоа дека работата отиде предалеку се обидоа со притисоци. Јас никогаш нема да ги етикетирам, туку како нивен колега секогаш ќе застанам до нив во остварување на своите права, изјави Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.