Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, зборувајќи за една изборна единица вели дека коалициските партнери СДСМ и ДУИ го кочат решението за една изборна единица, додека, пак, помалите партии кои се дел од оваа коалиција и понатаму молчат.
Претпоставувам дека законот, очигледно дека СДСМ преку својот прокси ДУИ ќе го блокира и нема да помине. А, зошто нема да помине јас навистина не знам. Не знам кои се причините на ДУИ односно СДСМ да го блокираат овој закон за една изборна единица, не можам да ги препознаам, затоа што тежинскиот фактор низ изборни единици треба да биде подеднаков. Еве тоа може да се обезбеди само преку измени во Изборниот законик а тоа е една изборна единица. Ние сме тука, ние велиме ќе го поддржиме тоа и сакаме да видиме кои се аргументите на тие кои што се спротивставуваат на една изборна единица – порача Мицкоски.
На прашањето дека пред одржување на локалните избори, имало поддршка од страна на СДСМ до помалите политички партии за измени во изборниот модел, Мицкоски исткана дека СДСМ едно зборува пред камери, а друго зад камерите, укажувајќи дека треба да се види дали помалите политички партии на Павле Трајанов, Маја Морачанин и Горан Милевски ќе си стојат на зборот кога изјавувале дека доколку не се прифатат измените, ќе излезат од коалиција со СДСМ и ДУИ.
Тоа е типичен карактер на СДСМ, едно да зборува зади камера, друго да зборува пред камера. Но, тогаш немаше сериозна дебата и сериозни преговори за менување на изборниот модел. Тогаш, ако се сеќавате, фокус беа локалните избори и се зборуваше за тоа дали ќе имаме отворени советнички листи, за пропорционалниот модел итн. И тоа им го прифативме, но и тоа го одбија. И тоа само го покажува нивното лицемерие.
Малите партии условно кажано кои што се дел од коалицијата на СДСМ, пред да ги предложат овие измени во Изборниот законик беа прилично гласно и рекоа, ако овие измени до април не се усвоени, ние ја напуштаме владата и врз основа на таква политика малите партии анимираат гласачи, затоа што гласачите слушаат што зборуваат политичарите и потоа мерат дали тоа што политичарите го зборуваат го исполнуваат кога ќе имаат можност. Тие се сега власт, дел се од владејачката коалиција , излезе коалицијата на локалните избори ЛДП и ДОМ, и освои 25.000 гласа, значи 25.000 гласачи во Македонија гласале поради политиките и верувале дека зборот на Маја Морачанин, Горан Милевски е збор. Еве сега имаме можност дали сега зборот на Павле Трајанов, Маја Морачанин, Горан Милевски, Љупчо Георгиевски е збор, затоа што избори ќе има, порано или подоцна парламентарни избори ќе има и тогаш треба истите овие луѓе да излезат пред избирачите да понудат своја платформа – изјави Мицкоски.
Тој им порача на помалите коалициски партии да се принципиелни и да излезат до април како што првично изјавиле, дали ќе го испочитуваат она што го кажале пред граѓаните или ќе продолжат да седат во коалиција и да ги партизираат институциите и да ги уживаат привилегиите.
Или држете до збор, и тоа што сте го кажале испочитувајте го или излезете и кажете мила ние власта, партизираме институции, го крадеме народот, уживаме привилегии и сакаме што подолго таму да останеме. Имаме 61 пратеник плус во парламентот што креваат раце, тие добиваат по некој бенефит и тоа ќе си трае додека трае, или држете до збор и излезете на 30 април и кажете истече зборот господа, вие не ги прифативте измените, имаме непринципиелна коалиција, ние ја напуштаме оваа коалиција и одиме во опозиција – порача Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.