Вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во своето гостување во дневникот на Сител телевизија нагласи дека бидејќи Ковачевски нема слух за дијалог и соочување со македонскиот народ, тогаш тој ќе предложи активна блокада на македонското Собрание.

„Често пати кога се движам меѓу граѓаните ми го поставуваат прашањето што прави ВМРО? Што правите вие? Зошто молчите? Што е ова што се случува? Дури и има една таква перцепција еве ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори па се задоволи со тоа, а овие ја имаат централната власт, сите си се среќни и работите си се движат во таа насока. Но не е така. Не е така. Некој активно се труди да ја наметне тезата дека сите се исти. Ние сакаме активно да ја демантираме таа теза дека не се сите исти. И токму поради тоа сакам на утрешната седница на Извршниот комитет да излезам со првиот чекор, најверојатно тоа ќе биде некаква активна блокада на македонското Собрание. Кога велам активна блокада, мислам блокада на се што ќе биде таму со исклучок на закони кои што значат повисоки плати или некаква помош на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека се останато ќе предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде блокирано, дали преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските седници и на парламентарната седница. А, тоа нормално значи отворање на дискусија на Извршниот комитет и да се разговара на ова тема.

„Најсреќни би биле тие би рекол инсталации на Спасовски кои што провоцираат една таква дебата дека сите се исти, да ние го напуштиме Парламентот и да го бојкотираме. А, тогаш би поминало се. Буквално би поминало се и тогаш никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија. А, дефинитивно не е во ред. Односно не знам што е во ред ниту во полето на економијата, ниту во образованието, ниту во здравството“, појасни Мицкоски.

По интервјуто на Мицкоски реагираше СДСМ:

Деструктивноста на Христијан Мицкоски не познава граници, особено кога се во прашање неговиот личен и партискиот интерес.

Во услови на криза кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира. Очигледно решил по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски. Или токму ова е насоката на Груевски којашто ја спроведува.

Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието.

Ништо друго и не се очекуваше од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие продолжуваат во ист стил, со иста цел – блокада на државата.

Мицкоски не го блокира ниту СДСМ ниту Владата, туку на тој начин ги блокира решенијата за подобар живот на граѓаните.

СДСМ останува отворен за сите добронамерни конструктивни предлози, но ги осудува сите обиди за блокади и вештачки кризи заради лични и партиски интереси, во време кога се води секојдневна борба против последиците од кризита и за заштита на стандардот на граѓаните.

СДСМ е одговорна партија и по секоја цена со сите, разумни општествени партнери ќе ги надмине блокадите на Мицкоски и криминалната ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.