Алијанса за Албанците никогаш не ги криела средбите со други политички субјекти, а единствена цел на партијата и на нејзиниот лидер Арбен Таравари е европска Македонија, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната посета на Таравари на Приштина и неговата средба со косовскиот премиер Албин Курти.

Лидерите на опозицискиот албански блок – Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, како и и претседателот на АА Таравари синоќа во Приштина имале средба со косовскиот премиер Курти.

Партијата никогаш не ги крила своите средби. Значи и кога се среќава со Али Ахмети, со лидерот на ДУИ и со опозицијата, со сите. Тие се јавни, нема што да криеме. Единствената цел на Алијанса и на претседателот Таравари е европска Македонија, изјави Меџити одговарајќи на новинарско прашање на прес-конфренција на Клиниката за урологија.

Тој рече дека е во секојдневна комуникација со Таравари, но дека себе си не претпочита да се нарекува политичар, туку лекар.

Меџити меѓу другото порача и дека политиката треба да ги тргне своите раце од здравството, но и од образованието.

Крајно време е политиката да ги тргне своите раце од здравство, но и од образование. Јас како министер за здравство тоа нема да го дозволам, изјави Меџити.

Лидерот на Беса, Касами вчера на неговит Фејсбук профил објави дека средбата со Курти минала во пријателско опкружување, како и дека било разговарано на повеќе теми меѓу кои и унапредување на положбата на Албанците во Македонија.

Претседателот на Движењето Беса Биљал Касами на денешната прес-конференција истакна дека по се што се случило по локалните избори, неопходни се предвремени парламентрани избори што побрзо.

Беше објавена и фотографија од средбата на која се наоѓаат лидерите на ЕСП и Таравари со Курти, а присутен е и претседателот на косовскиот Парламент Глаук Коњувца.

Доаѓа. Доаѓа. Големата промена доаѓа, пишува на објавената фотографија.

Беса денеска преку соопштение ја дообјасни вчерашната средба, која ја означи како братска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.