Има една поговорка, кој губи има право да се лути. Но, добро е да ги пронајдат факторите за поразот, добро е да се реформираат, затоа што си нанесуваат штета на себе и на никој друг, изјави вечерва претседателот на Демократско Движење, Изет Меџити во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 зборувајќи за Европскиот фронт и ДУИ.
Според Меџити, апсолутен победник во албанскиот табор е коалицијата Вреди, бидејќи таа освоила 107 илјади гласа, додавајќи дека во Македонија поради миграција нема повеќе од 200 илјади албански гласа.
Тој смета дека Албанците во земјава му рекле доста на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Албанците му кажаа доста на Али Ахмети. И поради староста и поради годините на власт, нема што повеќе да понуди. Време е да оди во опозиција, да ја реформира партијата која во последно време е опколена со клиентелисти и ќе види дека тие први ќе заминат, рече Меџити.
Работни групи на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ деновиве преговараат за формирање нова влада. Според Меџити, и ВМРО-ДПМНЕ во програмата имаат промена на Уставот со внесување на Бугарите, но се плашат од нови барања на Бугарите.
И ВМРО ДПМНЕ има во програмата промена на Устав, но се плаши да не има нови барања од страна на Бугарите. И за ова и во таа насока ќе работиме заедно. Ние сме за евроинтеграција и секако сме во комуникација со меѓународната заедница, рече Меџити.
Претседателот на Демократско Движење кажа пофални зборови за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Сум рекол и на друго место, Мицкоски не е во еуфорија, напротив. Направи еден мал гест, но многу значаен тој дојде во канцелариите на ВЛЕН на плоштадот Скендербег, што е многу добар гест. Ова не беше случај во времето на Груевски, што значи ова едно друго ВМРО, рече Меџити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.