Уставните измени не се случуваат од денес за утре и во моментот кога ќе се искреира платформа што може да добие поддршка од 80 пратеници, ќе почне процедурата во Собрание за промена на Уставот, изјави вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, најавувајќи дека очекува тоа да се случи во првата половина наредната година.
Тој во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија посочи дека за претходните промени на Уставот пред четири години имаше процес кој траеше една година, додавајќи дека без поддршка на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Парламентот за сегашните уставни измени.
Блокадата првпат е во наши раце. Досега секогаш блокадата беше во Софија, Атина, Париз… Денес е во наши раце и од нас зависи дали ќе застанеме по скринингот на истото место или ќе продолжиме со поглавјата. Имаме комуникација со сите пратенички групи и со сите пратеници. И јас сум убеден дека со помош на меѓународните партнери и со наш ангажман како Влада, ќе дојдеме до 80 пратеници, затоа што за мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме. Има интерес веќе од германскиот канцелар и од францускиот претседател и од сите да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници, изјави Маричиќ во однос на обврската да се донесат уставните измени кои предвидуваат вклучување на Бугарите во Уставот за земјата, пред да почне отворањето на поглавјата во процесот на пристапните преговори на земјата со ЕУ.
Тој додаде дека во заклучоците на Советот на ЕУ пишува дека во моментот кога ќе биде променет Уставот за да се внесат уште три заедници во него, без нови одлуки и без одлагање ќе се свика втората Меѓувладина конференција на која што ќе почне да се разговара за поглавјата.
Ние инсистиравме на таа формулација за да не биде оваа реторика од опозицијата дека ќе имало уште 3-4 или не знам колку барања. Исто така, инсистиравме да се тргнат сите оние прашања, бидејќи имаше многу поинакви верзии на преговарачката рамка и сите прашања кои што се однесуваат на билатералните прашања да бидат ставени во протокол меѓу нас и Бугарија. И сега во однос на јазикот, ние кога влеговме во дискусијата не беше наша цел да ја убедиме Бугарија во нешто, дали ќе го признае или не македонскиот јазик, наша цел беше ЕУ да не го прифати бугарскиот став и да можеме да го потпишеме договорот за Фронтекс на македонски јазик, изјави Маричиќ, додавајќи дека Бугарија праќала ноти за јазикот насекаде, па и во ОН, а фамата околу тоа „ја прават луѓето кои не испорачале ништо за шест години плашејќи се за нивната политичка кариера“.
Во однос на бугарските клубови во земјава, Маричиќ нагласи дека беа прифатени измените на Законот за здруженија за да спречи понатамошно ширење на, како што нагласи, „ова тензично отворање на клубовите“
– Во принцип никој нема против отворање на бугарски културни центри, еве се отвори еден, заедно со министрите за култура од двете држави, заедно со проследување од целата јавност, без никаков проблем. Проблемот е во имињата и во називите на клубовите. Ние испитуваме и во Обвинителството имаше постапка. Она што е многу важно, е формата да се запази, за да не бидеме утре тужени и да изгубиме во Стразбур и да испадне уште дека навистина сме вршеле некаква репресија, а знаеме дека не сме вршеле. Знаеме дека кај нас слободно може да се здружуваат луѓето. Не сакаме да даваме аргументи на Бугарија дека овде има некаква репресија. Но, ве уверувам дека овој процес ќе биде ставен во законски рамки, ќе биде ставен под контрола и нема да се дозволи ниту еден клуб кој што ги крева тензиите, рече Маричиќ, додавајќи дека зад отворањето на бугарските културни клубови стојат членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Маричиќ во гостувањето во „Само вистина“, каде дебатираше со поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски, подвлече дека опозицијата манипулира со тоа дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ и свесно лаже.
Тој додаде и дека со Влада на ВМРО-ДПМНЕ земјата никогаш немаше да стане членка на НАТО, во услови кога и Финска и Шведска го менуваат неутралниот статус и очекуваат од нас поддршка за зачленувањето во Алијансата.
– Многу важно беше да бидеме членка на НАТО, од безбедната страна на границата. Тоа што претходната власт немаше волја не може да се оправда. Секоја влада треба да има цел и мисија, а ако ви е само цел да останете на власт, вие никогаш ништо нема да решите, рече Маричиќ. вг/сп/
2022-12-12 20:40:12
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.