Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, имаше средба со амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Хиронори Савада на која беше потврдена јапонската поддршка на Македонија преку донации во некои од најважните сектори за европскиот пат на земјава, како и во поддржувањето на македонската Влада во подобрување на животот на граѓаните според стандардите на развиените земји.

Како што соопштија од Секретаријатот, на средбата се разговарало и за досегашната билатерална соработка, успешната реализација на проектите од јапонските грантови, како и унапредување на соработката со нови бизнис релации и инвестиции.

Маричиќ изразил благодарност до амбасадорот Савада за досегашната поддршка во рамки на јапонската официјална развојна помош (ОДА) и посочил дека секогаш има простор за унапредување на соработката.

Во време на пандемија, паралелно и засилени реформи во земјава, финансирањето на развојни проекти за одржлив економски и социјален развој, е од суштинско значење за државата и за нејзините евроинтеграции – изјавил Маричиќ.

Од Секретаријатот велат дека Јапонија е еден од нашите најголеми донатори и поддржувачи на нашата европска интеграција и во таа насока финансиската поддршка ќе се алоцира кон проекти кои ќе придонесат во остварувањето на европската агенда. Затоа следниот период фокусот ќе биде ставен на реализација на проекти во областа на здравството, образованието и животната средина.

Во изминатите две години Јапонија имаше обезбедено над 800 илјади евра за итна помош на здравствените институции кои се справуваат со Ковид-19, односно за набавка на медицинска опрема за ковид центрите во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.