Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во денешното гостување во вестите на „Канал5“ изјави дека паралелно со процесот на скрининг во тој период има можност и обврска да се заврши дополнувањето на Уставот со додавање на некои заедници, Хрватите, Црногорците, меѓу кои и Бугарите во Преамбулата и во уште една точка во Уставот, каде што се споменуваат сите поименично.

-Од наш аспект содржински нема никаква пречка тоа да се направи, мислам дека нашиот концепт на Уставот и нашиот амбиент секогаш бил инклузивен за сите заедници. Ние ќе отвориме дијалог со сите политички партии, како Влада, но и со сите пратеници. Сметаме дека ќе има можност пратениците да се определат јасно дали се за продолжување на европскиот пат, дали се за членство на Македонија во Европската Унија. Или пак се за застој, враќање назад и отстапување од тој пат, рече вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ изрази верување дека ќе ја искористи шансата ВМРО-ДПМНЕ да биде на страната на членството на Македонија во Европската Унија, што е стратешки приоритет веќе 30 години на Македонија.

-Веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати оваа шанса, и оваа можност, бидејќи ја пропуштија за НАТО, како партија, иако дел од пратениците тогаш го поддржа Преспанскиот договор и уставните измени, додаде Маричиќ.

На прашањето дали процесот на скрининг, кој започнува средината на септември, се разликува од процесот на скрининг на Албанија, вицепремиерот Маричиќ рече дека ние започнуваме на ист начин и со истите инструменти како и Албанија, потенцирајќи дека и во 2018 и 2019 година тој примарен, подготвителен скрининг го правевме заедно со Албанија и дека и овој пат, во јули, првата сесија на скринингот беше заедно со Албанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.