Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска беше во посета на општина Валандово каде што имаше работен состанок со градоначалникот Перо Костадинов, по кој направија обиколка на институции кои имаат реализирани проекти, финансирани преку европските фондови и програми.
Вицепремиерот Маричиќ и градоначалникот Костадинов на состанокот разговараа за можностите за финансирање на проекти за локален социо-економски развој во рамки на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмите за прекугранична соработка на Република Македонија со Република Грција и со Република Бугарија, како и останатите програми финансирани од ЕУ, меѓу кои и Еразмус +. Градоначалникот Костадинов ги претстави досегашните успешно спроведени проекти на ниво на општината, како и следните активности кои се планираат, а се добра основа за локалниот равој, но и пошироко за развојот на Југоисточниот плански регион.
По состанокот, вицепремиерот Маричиќ го посети успешно реализираниот проект во детската градинка „Калинка“ финансиран во рамки на прекуграничната соработка со Грција, кој покрај придонесот за енергетската ефикасност и заштита на животната средина, придонесува и кон одржување на добри соседски врски. Во продолжение, вицепремиерот Маричиќ го посети и СОУ „Гоце Делчев“, каде се реализирани повеќе успешни проекти. Во рамки на програмата Еразмус + се искористени можности за обука и размена на искуства со своите врсници од Европа во делот на органското производство, со што се поттикнува и развива претприемачкиот дух кај младите.
– Ме радува посветеноста и темпото на работа на градоначалникот Костадинов во реализација на проектите финансирани со ИПА средствата. Сакам и во иднина да ве охрабрам на уште поинтензивно работење во реализација на ИПА проектите, особено со оглед на тоа што ќе следува период на интензивирана прекугранична соработка и нови партнерства. Тоа покажува дека Република Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат, а преку ваквите проекти ја гледаме Европа во акција на локално ниво, рече вицепремиерот Маричиќ.
Воедно, вицепремиерот за европски прашања посочи и дека она што Владата го прави во однос на евроинтеграцијата и сèвкупните реформи во земјата, се во насока граѓаните и локалните самоуправи вистински да ги почувствуваат и конкретните придобивки од евроинтеграцискиот процес и затоа се посветуваат и вложуваат енергија за поефикасно искористување на средствата од ИПА фондовите.
– Во претстојниот период како Национален ИПА координатор пред сè, ќе се посветам и на промовирање на проекти реализирани со поддршка од ИПА со цел да се поттикне и интензивира користењето на овие фондови и на локално ниво“, рече Маричиќ, додавајќи дека визијата на Владата е да се постигнат европски стандарди во локалните заедници и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.