Во областа „Правда, слобода и безбедност“ е направен првиот чекор во „забрзување на интеграцијата“. Побаравме Македонија да стане дел од Европската миграциска мрежа, што е доказ плус за добрата подготвеност во оваа област и посветеноста на македонскиот преговарачки тим на процесот, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел, каде денеска заврши тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на скринингот членовите на македонската Работната група ја презентираат позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на земјава во однос на законодавството на ЕУ, поврзани со судската соработка во граѓански прашања и комерцијалната материја, како и судската соработка во кривичната материја и конфискацијата и замрзнувањето на имот.

Изразувајќи задоволство од состанокот, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со ЕУ, истакна дека очекува преговорите со Унијата да продолжат со оваа добра динамика.

Тој нагласи дека Поглавјето 24 е она каде што со години веќе соработуваме на полето на азил, миграции и визен режим и иако во ова него сме прилично успешни во усогласувањето, тоа е област во која брзо се менуваат работите.

Според Маричиќ, мигрантскиот бран од 2015 и 2016 година и кризата поврзана со Украина покажа дека имаме усогласеност и соработка со ЕУ, а круна на таа соработка е Договорот од ФРОНТЕКС, којшто неодамна беше потпишан во Скопје и којшто ги регулира прашањата околу одбрана на европската граница од несакани и недозволени миграции на долг рок.

„Забрзана интеграција“ е новиот елемент која овозможува учество на земјите кандидатки во ЕУ законодавството, пред самото пристапување во ЕУ. Во рамки на презентирањето на билатералните состаноци, земјата може да пројави интерес за учество во acquis-то како на пример: учество во програми на Унијата, експертски групи, работните групи и формати, ИТ системи, размена на информации, како во случајот со учеството и примената на КОВИД сертификатот, се наведува во соопштението на СЕП.

Инаку, во изминатите три дена членовите на Работната група за преговори имаа 56 излагања на 12 теми поврзани со миграцијата, азилот, судска соработка во граѓански прашања, соработка во областа на борбата против дрогата, соработка во областите на царината, визната политика, полициската соработка и борбата против организираниот криминал, соработката меѓу единиците за финансиско разузнавање, организираниот криминал, судската соработка во кривичната материја, борбата против тероризам, визниот режим, фалсификувањето и надворешните граници.

Претставниците на Работната група за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“ доаѓаат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Министерство за одбрана, Министерство за надворешни работи, кое е надлежна институција за ова поглавје, Министерство за здравство, Јавно обвинителство, Народна банка, Управа за финансиско разузнавање и Секретаријат за европски прашања.

Билатералниот скрининг продолжува на 1 декември за Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, кое заедно со Поглавје 24 е клучно за понатамошниот тек и динамика на преговорите за пристапување во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.