Сеопфатната заштита на човековите права преку законодавната и институционалната рамка, административните капацитети, и се разбира спроведувањето, ќе биде еден од главните показатели за подготвеноста на нашата земја за влез во Европската Унија, од почеток до крај на пристапните преговори, пишува на својот Фејсбук-профил Бојан Маричиќ, вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, по повод Меѓународниот ден на човековите права.

Маричиќ посочи дека заштитата, промоцијата и почитувањето на човековите права се основен предуслов за мирот, демократијата и одржливиот развој, а Македонија, како земја преговарач и идна членка на ЕУ, мора да продолжи во насока на зајакнување на заштитата на човековите права.

Нашата безрезервна посветеност на европскиот пат, водена од заедничките вредности, е најдобра потврда дека Владата останува целосно посветена на унапредување на универзалните вредности на човековите права со единствена цел: градење држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени, пишува Марчиќ.

Додава дека човековите права ќе бидат показател за подготвеност за членство во ЕУ.

Воената агресија во Украина покажа дека и денес целите за зачувување, натамошно подобрување и почитување на човековите права повторно се исправени пред големи предизвици. Затоа денес, кога на тлото на Европа се брани демократијата, слободата и владеењето на правото, повеќе од било кога треба да посветиме внимание на заштитата на човековите права и слободи, за да може да зборуваме за иднината и вистински напредок, заклучи вицепремиерот.

Порача дека Владата останува целосно посветена на унапредување на универзалните вредности на човековите права со, како што вели, „единствена цел: градење држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.