Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на „Само интервју“ објасни дека целта на бугарската комисија не е да прави ревизија на АСНОМ, туку да овозможи тие луѓе што се изјаснуваат како Бугари да бидат признаени како една од заедниците во Уставот и да ги имаат правата како и другите.
Не знам дали Бугарите знаат што пишува во прогласот на АСНОМ. АСНОМ има двоен карактер. Еден е политичкиот карактер на испраќање на овие поствоени пораки по втората Светска војна, а другиот е државотворен карактер бидејќи АСНОМ носи и неколку важни одлуки. Тогаш е официјализиран македонскиот јазик, тогаш е воспоставена државата, Владата, народна власт итн. Ние во таков вид на ревизија на Уставот не можеме да влеземе, ниту имаме намера да влеземе. Зашто АСНОМ е темелот, потенцираше Маричиќ.
Според вицепремиерот Маричиќ треба да влеземе со повеќе самодоверба во овој процес, дека знаеме кој сме и што сме, кој истакна дека прашањето за историјата е прашање за историчарите и дека ако влеземе во ова со искреност и добра намера и свесни кои сме и што сме нема да имаме толкав проблем колку што мислиме.
Ова е компромис којшто ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг. Треба да нè радува фактот што после 17 години чекање влегуваме во фаза на преговори со ЕУ и 13 позитивни препораки на ЕУ. Имале и други влади шанса, 11 години имала шанса ВМРО-ДПМНЕ, во 90-тите исто така имало многу шанси под многу подобри услови да се решат овие прашања, за да денес не мораме да бидеме во оваа ситуација, рече во „Само интервју“ Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.