Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на емисијата „Вин-Вин“ на Телма рече дека одлуката на Европскиот суд за човекови права се враќа кај македонските судови и се упатува дека нашите судови и институции треба да се изнесат за сите аспекти, пред да се оди на мериторно одлучување во Стразбур, што според него е нова шанса за судовите да ја подигнат ниската доверба која ја имаат кај граѓаните.
„Комплексен е случајот со аболицијата на Иванов, затоа беа внимателни и нашите судови и Судот во Стразбур. Не може да избегаме од одговорноста сами да ги решиме нашите проблеми и тоа е главната порака од решението. Редно е сите случаи на висока корупција да добијат институционална разврска, за јавноста да стекне доверба во правосудниот систем“ изјави вицепремиерот и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ.
Според Маричиќ клучната добиена битка со одлуката на Судот е дека случаите од СЈО се валидни и продолжуваат пред судовите, а тоа како што вели тој беше примарна и клучна битка на државата во борба за владеење на правото и правна држава.
„Клучната битка која денес е добиена е што случаите од поранешното СЈО, кои ги коментира и Европската комисија во нивните извештаи, остануваат валидни и продолжуваат да бидат предмет на судовите и обвинителствата во државава“, рече Маричиќ.
Маричиќ, кој како министер за правда беше одговорен за подготвување на одбраната на државата пред Судот во Стразбур, кажа дека ова од првиот ден кога беше поднесена жалбата во Стразбур, во земјава започна кампања дека случајот е завршена работа и дека Судот во Стразбур ја валидира аболицијата на Иванов.
„Тоа беше стратешка определба на адвокатскиот тим за да се создаде слика дека ова е завршена работа како порака кон судовите и обвинителствата во земјава. Веројатно поради тоа случаите споро се движеа, чекајќи ја одлуката од Стразбур, дека тој суд ќе ја заврши работата на нашите судови“, објасни Маричиќ.
За случувањата во Собранието и актуелната реконструкција на Владата, вицепремиерот Маричиќ рече дека опозицијата ја користи секоја прилика за да го испразни Собранието од содржина и суштина и дека повторуваат еден ист говор цело време за да се купи време, со цел да се наведе власта на непристојност и нервоза.
„Опозицијата со ова што го прави, не пропушта прилика да го испразни Собранието од содржина и суштина. И пратеничките прашања се такви, а и овие бескрајни дискусии кои немаат никаква поента и се повторуваат“ објасни Маричиќ, посочувајќи дека после две и пол години блокирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ се поставува прашањето дали целосната блокада на Собранието е легитимна политичка стратегија.
Вицепремиерот во гостувањето на Телма рече дека целта на реконструкцијата е стабилизирање на Владата и зајакнување на мнозинството, кое треба да го комплетира скринингот, да направи простор за понатамошната фаза од преговорите и да создаде услови за двотретинско мнозинство за уставните измени.
„Зајакнување на Владата за да може да влеземе оваа година во реформи, стабилизација по тешките кризи кои траат една по друга веќе три години и обезбедување на еден блок за европска иднина, Европска Македонија, која ќе ги донесе реформите“ истакна вицепремиерот за европски прашања.
Во оваа насока вицепремиерот додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ги пропушти шансите минатото лето да предложат и да ги дополнат заклучоците на државата наспроти Францускиот предлог и Бугарија и пет години одбиваат да бидат дел од решенијата кои се носат, иако Владата не ја затвора вратата за разговор.
„За жал ВМРО-ДПМНЕ ја има затворено вратата за соработка веќе подолго време. Јас сум се обидувал да разговарам со нив за заживување на Националниот совет за евроинтеграции, да се отвори дијалог таму, каде што опозицијата има претседавач и може да ја наметне агендата и дискусијата. Имавме и лидерска средба, каде се отворија теми и можности за соработка“ рече Маричиќ.
На темата Бугарија и односите кои ги имаат двете земји, вицепремиерот за европски прашања кажа дека имале сериозни резултати кои ја сменија перцепцијата за Бугарија во Македонија и обратно, ги зближија и народите и владите за да можат да решат проблеми од животно значење, но Маричиќ смета дека крупна и клучна грешка била посетата на Петров на отворањето на културниот клуб Ванчо Михајлов во Битола, после која работите тргнале во погрешен правец.
Тој суштинскиот проблем со Бугарија го гледа во политичарите од двете страни на границата, иако според Маричиќ нашите политичари во најголема мера се коректни особено официјалните лица во Владата и државата, укажувајќи на тоа дека македонската страна никогаш досега не била причина за провокации, меѓутоа изјавите на Џамбаски и други политичари кои во Бугарија, не се толку популарни колку што се кај нас, ја прават штетата и влијаат на добрососедските односи.
„Ниту еден Протокол не може да ги направи или наруши односите. Впрочем добрата волја и меѓусебно почитување е основа на сè. Ние ако го земеме сега и Преспанскиот договор сигурно ќе најдеме елементи што не се применуваат доследно или навремено. Меѓутоа во духот на тој договор живее дека ние градиме пријателство. И дека меѓусебно се почитуваме“, истакна Маричиќ во гостувањето на „Вин-вин“ на Телма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.