Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната собраниска седница на Комисијата за европски прашања рече дека тој и Владата се подготвени да се разговара и да се донесе Закон за преговори за членство во ЕУ, со којшто ќе ги решат сите прашања и со кој ќе се зајакни улога на Собранието.
Владата е надлежна и одговорна за преговорите со ЕУ, но тоа не значи дека процесот ќе го води сама. Од самиот почеток покажавме отвореност и политичка волја за соработка со сите општествени чинители. Подготвеност и политичка волја има, дајте во интерес на граѓаните да одиме побрзо процесот на преговори, рече вицепремиерот пред членовите на Комисијата за европски прашања.
На седницата на Комисијата за европски прашања беа присутни и претставниците на граѓанските организации за кои Маричиќ изрази задоволство од нивниот интерес за вклучување во преговарачкиот процес и истакна дека заклучно со 10 јануари 2023 година, на јавниот повик на Секретаријатот за европски прашања, во базата се регистрирани околу 180 граѓански организации.
Тоа е јасен сигнал дека ќе имаме квалитетен и инклузивен процес на преговори кој ќе го водиме низ дијалог и блиска соработка, но и под будното око на граѓанското општество, додаде Маричиќ, најавувајќи дека во тек е изработката на можните модалитети кои ќе се користат за консултација со граѓанските организации и нивно учество во процесот на преговори, а предлозите пред граѓанските организации ќе ги презентира на крајот на месец февруари.
Тој потенцираше дека процесот на преговори е тешка и сложена задача која бара вклученост на целото општество, за да може брзо и ефикасно да се заокружи најголемиот македонски проект, а како што вели вицепремиерот тоа е членството на Македонија во ЕУ.
Покрај сите овие активности, пред нас е имаме задача да донесеме стратешка одлука со која ќе го одредиме правецот на државата за следните 10 години и со која ќе ја направиме стабилна европската перспектива на Македонија. Од тоа ќе зависи дали 2023 година ќе биде година за паметење по јасна и сигурна европска перспектива или по нова блокада за државата и граѓаните, но овој пат од домашен политички фактор, рече вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Маричиќ потенцирање дека е неопходна поголема синергија за да се забрзаат процесите до степен до кој тоа го очекуваат граѓаните и дека ќе биде потребно да се дефинира и соработката со Националниот совет за евроинтеграции и со Комисијата за европски прашања. Во тој контекст изрази и верување дека и Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанските организации ќе заживее и заеднички ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на реформите и напредокот кон членството во ЕУ.
2023 треба и мора да биде година на успешно завршен скрининг процес, на реформи, придвижување на земјата напред, обединување и политички консензус за напредок во преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата, рече вицепремиерот, нагласувајќи дека со тоа Македонија се става на европските шини за брза трансформација на македонското општество.
Главниот преговарач со ЕУ ги брифираше пратениците за текот на скринингот и за задачите и активностите кои треба да се завршат до крајот на годината изјавувајќи дека скринингот ни дава насока правилно да ја исцртаме реформската траекторија која треба да изодиме.
На крајот на тој пат Македонија треба да изгледа поинаку и многу подобро, во секоја смисла. А тоа нема да може да го направиме со деконструктивност и импровизација. За тоа е потребен јасен план и искрена политичка волја од сите политички фактори, бидејќи овој процес го надминува мандатот на секоја влада, истакна Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.