Праксата покажува дека времето не работи во наша корист кога сме надвор од процесот. Колку повеќе чекаме повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија. Да не дозволиме да го комплицираме процесот кога сега ни е патот јасно поставен пред нас, истакнува во интервју за Рацин.мк вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Договорот не е направен по „бугарски диктат“. Напротив, сме постигнале Договор со кој сме го извлекле максимумот и кој сме го преговарале во наша полза, со што успеавме да ги ставиме во една рамка барањата и обврските од двете страни, и македонските и бугарските, вели тој.
Додава дека нашата преговарачка рамка го заштитува македонскиот јазик, идентитетот, со што, вели, успеавме бугарските прашања да не станат европски и да не ја доведуваат во прашање европската иднина на земјата.
Обврските се опишани во преговарачката рамка и тоа се обврски кои што ние сме ги прифатиле за достигнување на стратешката цел до 2030 година, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Нашите главни барања во договорот се исполнети и затоа не постои ниту еден аргумент дополнувањето на македонскиот Устав да се нарекува бугарски диктат – не, тоа е европски предлог и зад ваков предлог цела ЕУ никогаш повторно нема да застане заедно затоа што во Унијата има турбулентни процеси и европски избори следната година, посочува Маричиќ.
Дециден е дека нема да има подобра рамка нема да има.
Тоа цела ЕУ ни го кажува, тоа го знаеме и ние самите и секој којшто вели поинаку не сака да ја види нашата држава во ЕУ. Подобар Договор од овој кој го имаме не може да се постигне, со овој сме во поволна позиција од која може лесно и безболно за нашите национални интереси да се поентира и да се загарантира европската перспектива. На ВМРО-ДПМНЕ многупати досега им е кажано од страна на нашите европски пријатели, високи претставници од државите членки на ЕУ, дипломатите во земјава, европратениците дека преговарачката рамка не може да се репреговара и дека не е можен нов Договор, истакнува Маричиќ.
Вели дека репреговарање на рамката која што е веќе договорена и усвоена лани, на првата Меѓувладина конференција не може да има и не можеме да ја менуваме.
Дури и да замислиме дека тоа е можно нема да биде подобра од оваа, бидејќи не се исти ниту атмосферата, ниту околностите сега, а и барањата на Бугарија сигурно нема да бидат истите. Треба да бидеме искрени и реални дека немаме друга можност освен оваа, која ни овозможува преземените обврски да ги реализираме на реципрочна основа, со меѓусебно разбирање, толеранција и разумни компромиси, кои не задираат во нашата историја и идентитетски обележја, вели вицепремиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.