Од 23-те факултети кои се во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, четири нудат по над илјада слободни места за студенти кои би се запишале во прва година во академската 2022/2023 на претстојните уписи. Природно-математичкиот (ПМФ), Филолошкиот, Правниот факултет и ФИНКИ заедно располагаат со 4535 места за бруцоши или 41,53 отсто од вкупно 10 918 предвидени во Конкурсот на УКИМ за новата студиска година.
ПМФ има најмногу слободни места (1275), нуди 28 студиски програми на кои може да се запишат бруцоши – 655 места се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 445 за редовни кои плаќаат школарина и 175 слободни места за вонредни студенти.
Најголем интерес во последните неколку години постои за студиите по биологија, посебно за студиските програми Биохемија и физиологија и Молекуларна биологија со генетика. Постои растечки тренд и во бројот на студенти кои се одлучуваат да студираат хемија на студиската програма Применета хемија – аналитичка биохемија, изјави за МИА проф. д-р Александар Скепаровски, декан на ПМФ.
Од оваа учебна година на студиите по биологија се нуди нова студиската програма по Екологија и животна средина (тригодишни студии). Минатата учебна (2021/2022) година започна со реализација студиската програма Менаџмент и заштита на културното наследство на Институтот за етнологија и антропологија.
Голем дел од студиските програми кои беа акредитирани во 2016 и 2017 година поминаа низ процес на реакредитација, па и покрај тоа што тие ги задржаа своите називи, нивните наставни програми и планови се освежени и модернизирани, додава деканот на Природно-математичкиот факултет.
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ може да прими 1125 студенти во прва година на 22 студиски програми – 555 редовни во државна квота, 430 редовни со школарина и 140 вонредни.
Студиските програми на Филолошкиот факултет опфаќаат области од македонскиот јазик, македонската книжевност и култура, општа и компаративна книжевност, преведување и толкување, други национални јазици, како и петнаесетина странски јазици.
Нови програми, како и постојните, но редизајнирани ќе нудиме следната година со новата акредитација, вели деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска.
За МИА изјави дека континуирано најголем интерес има за програмата Англиски јазик и книжевност, потоа следуваат Преведување и толкување, и Германски јазик и книжевност.
За студиската програма Македонски јазик има 80 слободни места, бројот е ист и оваа година како и на ланскиот конкурс, но, вели проф. Дучевска, не се пополнуваат сите слободни места.
Минатата година забележавме поголем интерес од претходните неколку години, кога имавме значително намален интерес. Очекуваме да се одржи, или да се зголеми, минатогодишната тенденција, додаде деканката на Филолошкиот факултет.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој од основањето пред 11 години секоја година е сѐ поатрактивен за младите, располага со 1080 места (550 за редовни во државната квота и 530 редовни кои ќе плаќаат школарина) во седум студиски програми.
Деканот, проф. д-р Иван Чорбев за МИА вели дека поради големиот интерес за упис на ФИНКИ, речиси сите места кои се обезбедени во квотата, се пополнуваат при уписот, на сите понудени насоки.
Интересот за упис генерално е отсликан во самите квоти кои ни се обезбедени поединечно по студиските програми. Согласно законот, 60 проценти од предметите се задолжителни на студиските програми, додека 40 отсто се изборни. Поголем дел од задолжителните предмети се заеднички за сите студиски програми, па изборот на конкретна програма при упис не е критичен. Заради големиот процент на изборност и високиот број изборни предмети кои ги нудиме, благодарение на поголемиот број вработени професори, студентите може да изберат супспецијалност и фокус со внимателно избирање изборни предмети соодветни на нивните желби, интереси и капацитети. Бројни се можностите за вработување по дипломирање од која било наша студиска програма и секоја нуди своја специфичност за која има интерес и кај матурантите, и кај работодавачите, истакнува деканот на ФИНКИ.
Во однос на новините од оваа академска година, Факултетот работи на враќање во поголем обем на настава со физичко присуство, но и задржување на некои од бенефициите на хибридната настава со онлајн-интеракции.
Со оглед на зголеменото физичко присуство, од оваа година ФИНКИ планира значително унапредување на соработката со индустријата што ќе им овозможи на идните студенти уште попрактични знаења и вештини и со тоа и сигурно работно место и конкурентни плати, како и досега. Исто така, ФИНКИ континуирано работи на зголемување на сопствените капацитети за научно-истражувачка дејност во насока на зголемување на квалитетот на постдипломските и докторските студии, додава проф. д-р Чорбев.
Според Конкурсот на УКИМ, Правниот факултет „Јустинијан Први“ нуди 1055 места во пет студиски програми – 440 места за редовни во државната квота, 560 за редовни со школарина и 25 места за вонредни студенти. Од вкупниот број слободни на овој факултет, 725 се за програмата Правни студии.
Деканот на Правниот факултет, проф. д-р Сашо Георгиевски, за МИА изјави дека во тек е реформирање на повеќе студиски програми на студиите во пресрет на нивната реакредитација наредната година.
За студиската програма Правни студии, за која има најмногу слободни места, минатата година имало зголемен интерес од претходната. За студиите за Новинарство, пак, за кои според Конкурсот се предвидени 70 слободни места, Георгиевски вели дека во изминатите години, како и на другите студии, квотата не се пополнува.
Според Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет се слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра се наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.
Пријавувањето на кандидатите кои се рангираат само според успехот од средното образование ќе биде на 30 и 31 август во првиот рок, иако на факултетите е веќе отворен системот за електронско аплицирање пред официјалните датуми. На 15 и 16 септември е вториот и на 28 септември – третиот рок.
Оние кандидати кои покрај успехот од средното образование се рангираат и според проверка на знаења и умеења, првиот рок за пријавување е на 25 и 26 август во првиот рок, вториот е на 14 и 15 септември и третиот рок на 28 септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.