Спречена е нелегална трговија на четири тона апчиња и гел за орална употреба за потенција во вредност од 41,7 милиони денари ризични по здравјето на граѓаните, откако царински инспектори од Секторот за контрола и истраги при детален преглед на стоката утврдиле дека фирмата што ja внела стоката во државата нема важечко решение за вршење промет на големо со лекови и медицински средства, соопштија денеска од Царинската управа.

Воедно, додаваат оттаму, стоката е лек кој не е регистриран во Регистарот на лекови што го води Агенцијата за лекови и медицински средства и е различно декларирана.

Поради постоење сомневање дека пријавениот сторил кривично дело за нелегална трговија, што е казниво по член 277 од Кривичниот законик, стоката е запленета, а против правното лице ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје, соопштија од Царина.

Запленети се 48 илјади кутии Орал Џели односно 100 мл гел за орална употреба Камагра, 10.530 ленти со 100 мг таблети Камагра и 7.000 кутии со 100 мг и 150 мг таблети Ценфорце.

Царинската управа го штити здравјето на граѓаните преку обезбедување сигурен и безбеден трговски синџир на лекови, спречувајќи трговија со лекови во државата коишто не се одобрени од Агенцијата за лекови. Во оваа насока, ќе продолжиме да дејствуваме против нелегална трговија која претставува опасност за нашите граѓани. Притоа, работиме во тесна соработка со Агенцијата за лекови и медициски средства, како и со останатите гранични институции со цел зајакнување на граничната безбедност, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.