Македонија има најдобри односи со Србија а најлоши со Бугарија, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 56,5% од граѓаните сметаат дека најдобри односи имаме со Србија. На второ место е Албанија со 11,3% а на трето Турција со 3,3%: Тука некаде е и Косово по што следи Хрватска со 2,6%, Словенија со 1,2%, Грција со 1,1% и Бугарија со 0,9%.

Македонците во огромно мнозинство најдобри односи сметаат дека имаме со Србија. Нивниот процент надминува 72%. Кај етничките Албанци, Албанија е земјата со која сметаат дека имаме најдобри односи. Ваков став делат 39,8%.

Оттука, очекувано најмал број на граѓани сметаат дека имаме најдобри односи со Србија во полошкиот регион, а најголем во североисточниот.
Во регионот, според граѓаните најлоши односи имаме со Бугарија. Ваков став делат 64,6% од анкетираните. Следи Грција со 9,2%, Албанија со 3,4%, Србија со 2% и Косово со 1,2%.

Интересно е што ова е едно од ретките прашања за кои Македонците и етничките Албанци имаат исти ставови. И двете групи се на ставот дека Бугарија е земјата со која имаме најлоши односи во регионот. Разликата е што кај Македонците вакво мислење делат 71,6% од анкетираните а кај Албанците 42,5%.
Близу две третини од граѓаните позитивно гледаат на инцијативата „Отворен Балкан“ во која покрај Македонија дел се и Србија и Албанија. Ваков став имаат 63,3% од анкетираните додека 15,9% на тоа гледаат негативно.

Во споредба со анкетата која Институтот за политички истражувања за Детектор ја спроведе во 2020 година покажува дека расте довербата во „Отворен Балкан“ Ако во 2020 позитивно на оваа инцијатива позитивно гледаа 42,4% од граѓаните денеска нивната бројка е скокната на 63,3%. Очекувано, на повеќе од половина се намалил бројот на граѓани кои негативно гледаат на оваа иницијатива. Од 39,9% за три години бројката се спуштила на 15,9% граѓани кои негативно гледаат на иницијативата „Отворен Балкан“.

И тука Македонците и етничките Албанци имаат идентичен став. 62% Македонци и 67% етнички Албанци позитивно гледаат на „Отворен Балкан“.

Интересно е што најпозитивно на оваа иницијатива гледаат најмладите. Кај анкетираните под 30 години позитивно на „Отворен Балкан“ гледаат 70,9%, додека кај повозрасните од 60% овој процент паѓа на 57,3%.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.