Близу 90 од граѓаните детектираат говор на омраза во македонското општество кој главно се шири преку социјалните мрежи, а во најголема мерка е поттикнат од политиката, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него 89,1 отсто од граѓаните рекле дека во Македонија е присутен говорот на омраза додека само 6 отсто не детектирале ваква појава.
Третина од граѓаните сметаат дека говорот на омраза бил поттикнат од политички убедувања, 20,5 отсто сметаат дека го поттикнала етничката припадност. 10,5 отсто детектирале говор на омраза поради физичкиот изглед, 7,5 отсто поради религиски убедувања и 5,5 отсто поради возраста.
Близу две третини од граѓаните или 64,2 отсто сметаат дека денес има повеќе говор на омраза отколку пред 5 години. 12,6 проценти забележале помалку говор на омраза денеска отколку пред 5 години додека 18,7 проценти не регистрирале никаква промена.
Дури 80 отсто од граѓаните сметаат дека политички партии поттикнуваат говор на омраза, а над 81 отсто дека партиите предизвикуваат поделби во општеството. Анализата на етничката структура на граѓаните кои давале одговори покажува дека и Македонците и етничките Албанци во мнозинство веруваат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби со таа разлика што Македонците во значително поголемо мнозинство го изразуваат овој став. Ако за овие прашања меѓу 80 и 90 проценти Македонци сметаат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби, таков став делат меѓу 40 и 50 проценти етнички Албанци.
Очекувано, близу 80 отсто се на ставот дека говорот на омраза се засилува во време на предизборна кампања. И тука етничката структура на испитаниците дава слични резултати, односно и Македонците и Албанците забележуваат засилен говор на омраза во предизборните кампањи со таа разлика што ваков став делат близу 90 проценти Македонци и само 44,7 проценти етнички Албанци, иако бројот на противници и во двете етнички заедници останува прилично низок.
Граѓаните, најчесто забележуваат говор на омраза врз база на етничка припадност. Ваков став делат 53,4 отсто. Следат политичките убедувања со 26,6 отсто и говорот на омраза во врска со религијата со 8,9 проценти.
И кај ова прашање етничките групи имаат прилично слични позиции. И Македонците и етничките Албанци во мнозинство како прва сфера во која забележуваат говор на омраза е етничката припадност.
Мнозинство граѓани или 58,3 проценти сметаат дека говорот на омраза најчесто се шири преку социјалните мрежи. Следат телевизијата со 27,6 отсто, веб сајтовите со 3,6 отсто и радиото и весниците со помалку од 1 процент. Очекувано, помладите повеќе говор на омраза детектираат на социјалните мрежи за разлика од повозрасните, иако во сите возрасни категории, мнозинството повеќе говор на омраза забележува на социјалните мрежи.
Сепак дури три четвртини од испитаниците директно или преку социјалните мрежи не сведочеле на говор на омраза насочен кон нив или некој нивни близок додека 20 отсто имале такво искуство.
Граѓаните се прилично поделени околу прашањето дали актуелните законски регулативи се доволни за да се намали или да се спречи говор на омраза. 43 отсто сметаат дека се доволни, 45,2 отсто дека не се доволни Поделбата ја прават различните ставови на Македонците и етничките Албанци.
Ако мнозинството Македонци смета дека законските регулативи не се доволни , мнозинството етнички Албанци е убедено во спротивното.
Сепак, 70,6 отсто од анкетираните сметаат дека треба да се донесат построги закони за спречување на говорот на омраза додека 22 отсто се на ставот дека не треба, бидејќи тие би можеле да се злоупотребат.
Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.