Дојдени сме овде да го одбележиме денот на македонската револуционерна борба, ден кој треба да не потсетува, но и освестува дека ние сме минливи, но нашето дело и идеја се тоа кое треба да говори за нас. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое денеска ни овозможи да имаме самостојна држава и своја самосвест – потенцираше премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски на Свечена академија по повод 23 Октомври–Ден на Македонската Револуционерна Борба „Завет кој обврзува”.
Тој додаде:
Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност.
Македонската слобода не беше подарена на тацна, напротив. Македонската приказна е испишана со крв, солзи и непокор и затоа е вечна знаат да кажат тие кои ја познаваат историјата на организацијата.
Таа не зависи од надворешни притисоци, влијанија, постапки на одродени политичари, предавства на поединци, туку таа идеја се храни и живее во секој жив кој за нејзе се бори на свој начин, во својата област, со своето знаење и со своите вештини, верба и надеж, онаму каде може и колку може, до последниот од нас, кој во себе ја носи идејата за Македонија.
Многу работи се кажани на овој ден, многу работи се случија во историјата кои водеа кон овој ден на формирање на македонската револуционерна организација, но и многу работи се случуваа откако таа се формираше.
Таа претрпе и преживеа неуспеси, поделби, братоубиствена војна, меѓусебни пресметки, разочарувања, идеолошки поделби, од нејзе се издигнаа херои, и паднаа антихерои, од нејзе се раѓаше борбата за своја држава, но се трудеа и да ја злоупотребат нејзината моќ и значење за нашиот народ и сакаа преку нејзе да станеме дел од друга држава.
Македонската Револуционерна Организација ја започнала македонската национално ослободителната борба и го предводела населението во Македонија, без разлика на неговата вера и народност, во борбата против Отоманската империја. Круната на таа борба за слобода е Илинденското востание во 1903 година во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.