Нема поважна, поефективна и покатализирачка одлука за зајакнување на стабилноста и поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот на ЈИЕ од онаа да се отворат пристапните преговори со Македонија и Албанија, без понатамошно одлагање и изговори, за што моментот е созреан, истакна денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Солун.
На состанокот е усвоена и декларација, според која Македонија го презема претседавањето со ПСЈИЕ за периодот јуни 2023- јуни 2024, по завршувањето на следното претседателство на Црна Гора и како дел од Тројката заедно со Грција. Претседавањето со оваа регионална организација се случува паралелно со претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година. Со ова, Република Македонија се етаблира како актер кој има дипломатски капацитети да претседава со важни регионални и меѓународни форуми и организации
Заблагодарувајќи се за успешното претседавање на Грција во вонредните околности како и за поддршката на европската интеграција на земјите од ПСЈИЕ кои се уште не се земји членки на ЕУ, од МНР соопштија дека Османи се осврнал на важноста од суштинското унапредување на регионалната соработка во момент кога целата меѓународна заедница се соочува со предизвиците на покачените цени на енергенсите и основните продукти и сировини како последица од војната во Украина.
Сите форми на регионално организирање кои имаат за цел намалување на бирократските бариери и градење на заеднички регионален пазар треба да се третираат со потребната итност и целосен ангажман на Владите, порачал Османи.
Министерот Османи ги потенцирал проектите за унапредување на инфраструктурата, за обезбедување на енергетска диверзификација и исполнување на целите на зелената агенда за Западен Балкан. Посочил на исклучително позитивниот ефект од укинување на роаминг тарифите помеѓу земјите од регионот и напорите истите да се укинат и во однос на земјите членки на ЕУ како и на воспоставувањето на т.н. Зелени ленти за превозниците со најава за нивно проширување и кон земјите членки на ЕУ, започнувајќи со границата помеѓу Македонија и Грција, како примери на добри пракси за натамошно делување.
Министерскиот состанок за надворешни работи се одржува во рамките на завршните состаноци на грчкото претседавањето со ПСЈИЕ под мотото „Зајакнување на синергиите на Југоисточна Европа“. Во фокусот на разговорите е регионалната соработка во светло на растечката нестабилност и негативните влијанија од Руската агресија врз Украина. Разменети биле мислења за Европската перспектива на регионот, важноста да се приоретизира енергетската безбедност, напорите за интензивирање на соработката за справување со безбедносните прашања, како и унапредувањето на зелениот договор и адресирањето на климатските промени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.