Пратениците од пратеничката група „Преродба“ како и гостите на балконот од пленарната сала во бугарското Народно собрание подигнаа транспаренти со натпис: „Македонија е Бугарија“, а претседавачот на седницата Атанас Атанасов побара да ги тргнат за да не мора да ги земе и да ги избрка надвор од салата.

Овие транспаренти испечатени на листови беа декор на говорот на претседателот на Преродба Костадин Костадинов кој од собраниската говорница го искритикува меѓудругото и предлогот на Макрон и француската политика на Балканот:

-Целта на Макрон не е да го реши бугарското национално прашање и проблемите туку да си ги реши неговите внатрешни проблеми зошто на националните избори загуби истовремено и од левицата и од десницата и бидејќи завршува француското претседателство треба да заврши со некаков надворешнополитички медал, да покаже победа. Тоа е како на времето Австроунгарија што се фалела со победите на Балканскиот полуостров каде единствено можела да победи. Па Франција како една опаѓачка голема сила очигледно нема со што да се пофали освен да каже дека успеала да ја замолчи Бугарија, рече Костадинов.

Тој распали и по Србија дека тамошните разузнавачки служби преку Макеоднија работат против Бугарија, но и по Албанија, посебно навреден од албанскиот премиер Еди Рама кој вчера со ироничен тон и навреди се обрати кон нивната земја.

-Се обидоа партиите ГЕРБ, ДПС, Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија да направат зделка со Македонија. Со Македонија зделка не можеме да правиме. Кога и да сме се обиделе да направиме зделка со нив сме завршувале со национална катастрофа. Секогаш било така. Правата национална катастрофа е што тргнавме да ја делиме Македонија со Србија, ама да не ви држам историски час. Макрон сакаше да направи реформа во ЕУ за да се прескокне бугарското вето за Македонија, рече Костадинов пред пратениците кои истакнаа транспаренти дека ГЕРБ, ДПС, ПП и ДБ се национални предавници.

На крајот од својот говор пред пратениците Костадинов истакна:

-Македонија е Бугарија, Бугарија е Македонија. Македонија е Тракија. Македонија е Добруџа и ние никогаш нема да дозволиме бугарскиот национален интерес да биде предаден, зошто две национални катастрофи истрпевме заради тоа што нашата бугарска власт ја даде и предаде Македонија и сега стигаме до трета национална катастрофа, дециден е Костадинов чија партија Преродба денеска нема да гласа за резолуцијата за Македонија во бугарското собрание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.