Македонија, заедно со Австралија, Јапонија и Либерија, биле четирите земји кои побарале и издејствувале Обединетите Нации да вметнат член кој ја критикува Русија во предлог резолуцијата за осуда на нацизмот.

Резолуцијата беше усвоена пред два дена во ОН, со големо мнозинство – 105 земји беа за, 52 против, а 15 воздржани. Македонија гласаше против, на страната на САД, Британија, Бугарија, Италија, Германија, Унгарија, Украина и низа други држави.

Русија и Кина го предводеа мнозинството во ОН додека Србија, Турција, Мексико, Египет и Јужна Кореја се најдоа меѓу 15-те неутрални земји. Русија сакаше со резолуцијата да се осуди нацизмот во време кога ја обвинува Украина за воскреснување на оваа идеологија.

Но пред гласањето, Македонија беше една од четирите земји кои предложија во резолуцијата да се вметне следниот член: „со загриженост забележуваме дека Руската Федерација сака да ја оправда својата  територијална агресија врз Украина со наводната цел да се елиминира нео-нацизмот. Користењето на нео-нацизмот како изговор да се оправда територијална агресија сериозно ја поткопува искрената борба против нео-нацизмот.

Руската телевизија РТ забележа дека „Австралија, Јапонија, Либерија и Македонија предложија амандман за да појаснат дека, иако се многу анти-нацистички, тие се исто така и длабоко анти-руски настроени.

Ваквото позиционирање на Македонија доаѓа во време кога земјата донесе и закон да се забрани формирањето на здруженија и партии кои го поддржуваат нацизмот – како одговор на имињата кои неколку бугарски здруженија во Македонија ги дадоа на своите новоотворени клубови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.