Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје денеска одлучи да го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и да даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Го задолжи претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.

Од М-НАВ во соопштение истакнуваат дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.

Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на ден 10.11.2022 година, – Извештај со резултати од тестирањата со FEAST тестот во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на GATE Aviation Training ApS, Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, објавен на 28.07.2022 година , Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката, стои во соопштението од М-НАВ.

Изразуваат, како што велат, длабоко жалење што поради некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста, се создаде погрешна слика за процесот околу огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање.

Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку преземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи. Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со едниствена цел, избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ АД Скопје. Сето ова беше во рамки на строгите меѓународни и национални норми и временските рокови согласно акционен план на М-НАВ АД Скопје, велат од М-НАВ.

Дополнуваат дека како и досега, така и во иднина ќе продолжат со професионално вршење на својата дејност.

Никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво, потенцираат од М-НАВ.

За постапките околу огласот за избор на кандидати за обука на контролори на летање изминатите два дена имаше реакции и тврдења за наводни намери на раководството да го поништи огласот и за оспорување на кандидатите што ја поминале селекцијата. Синдикатот на контролори на летање побара раководството на М-НАВ да ги испрати на обука селектираните кандидати, односно целиот процес да го спроведе според регулативите, а во знак на револт од состојбите околу огласот, раководни лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти,… побараа да бидат разрешени.

Од Владата, пак, порачаа дека М-НАВ е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, но оти е обврзана да ги следи строгите правила во воздушниот сообраќај.

Во однос на вашите прашања според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е се уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка, истакнаа вчера од Владата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.