Не треба да дебатираме дали постои македонскиот јазик. Го зборуваме, го предаваат на нашите универзитети, се пишуваат деловни договори на македонски јазик, рече амбасадорот на Велика Британија, Метју Лосон, на вечерашното одбележување на роденденот на британскиот крал Чарлс Трети во Скопје.
Ми се чини дека секој што негира дека постои македонскиот јазик не му кажал на Виз Ер, бидејќи секој месец се пријавувам на македонски јазик за мојот лет кога се враќам дома. Ова е мојот начин, нашиот британски начин да кажеме, „ние сме ваши партнери, пријатели и сојузници, продолжуваме да го негуваме нашето пријателство и понатаму, рече Лосон.
По повод одбележувањето и на 30 години партнерство и дипломатски односи меѓу двете земји, амбасадорот рече дека секогаш ќе ја поддржуваат Македонија како рамноправен партнер.
Секогаш ќе ја поддржуваме Македонија како рамноправен партнер во трговијата, инвестициите, во НАТО, ОБСЕ, Обединетите Нации. Нашето партнерство се протега и во вашата култура, јазик и историја. Ние сме горди на нашата историја и нашиот јазик во Обединетото Кралство, особено оваа година со крунисувањето на нашиот нов крал и разбираме и почитуваме дека и вие сте горди за вашиот јазик и вашата историја, дополни Лосон.
Специјалниот британски претставник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, на настанот што се одржа во Музеј на современа уметност во Скопје, истакна дека се гордеат што и Македонија стои со Украина, не само со тоа што е значаен билатерален донатор, туку и со тоа што придонесува на пошироката европска безбедност преку НАТО.
Како специјален претставник, дел од мојата улога е да промовирам отпорни и отворени општества. Додека беснее војна во Украина, на едвај 700 километри оттука, ова никогаш не било поважно. Стоиме заедно со Украина соочени со руската агресија затоа што веруваме во демократијата и меѓународниот систем заснован на правила. Горди сме што и Македонија стои со Украина, не само со тоа што е значаен билатерален донатор, туку и со тоа што придонесува на пошироката европска безбедност преку НАТО, рече Пич, дополнувајќи дека вежбата „Брз одговор 22“ која се одржа минатата година беше јасен показател на оваа посветеност.
Тој рече дека Македонија игра водечка улога на меѓународно ниво не е само преку НАТО.
Македонија претседава со ОБСЕ во време кога Русија се обидува да го поткопа пристапот на организацијата базиран на консензус. Го поздравувам ова лидерство и одбрана на основните принципи на ОБСЕ – отсуство од употреба на сила, почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и заштита на основните права и слободи, рече Пич.
Тој сподели дека политичката посветеност на реформите е клучна и Обединетото Кралство работи заедно со Македонија во поддршка на институциите, граѓанското општество, слободните медиуми, истовремено промовирајќи го почитувањето на човековите права вклучително и родовата еднаквост.
Нашата програма Чивнинг им даде шанса на над 200 граѓани да студираат на престижни британски универзитети. Стабилното инвестициско опкружување и пазарот на трудот ја поткрепуваат стабилноста. Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во Западен Балкан, во 2022 година вкупната трговска размена изнесуваше 2,3 милијарди фунти со значителни инвестиции од британските компании како Џонсон Мети, Сопро и Централ Ејжа Металс, рече Пич.
Тој информираше дека наскоро ќе биде отворена бизнис комора на Обединетото Кралство/Македонија, што ќе им овозможи на другите да ги споделат плодовите од ова партнерство.
Да резимираме, ќе продолжиме да стоиме заедно со сите граѓани на Македонија кои работат на обезбедување стабилна иднина во срцето на евроатлантската заедница. Ќе ве поддржиме во градењето на робусни институции за поддршка на оваа цел, во развојот на економијата и создавањето на работни места за обезбедување на посветла иднина на следната генерација, рече Пич.
Во рамките на одбележувањето на роденденот на британскиот крал Чарлс Трети во Скопје денеска се одигра и фудбалски натрпевар помеѓу женската селекција на С Македонија и армиската екипа на Велика Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.