Откако лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, се огласи генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој вели дека единствено засега донесена одлука е за самостоен изборен настап.
„Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство, кое е изгласано едногласно да излеземе на избори сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори“, напиша Лога на Фејсбук.
Претходно, Таравари напиша: „Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.