Лидерот на ДУИ Али Ахмети на партиската трибина во Гостивар рече: „Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма – мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“. Прашан за коментар во врска со ваквата изјава на која реагираа телевизиите и дел од јавноста, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски ќе рече дека еден медиум се однесува како компанија за енергенси, а друг како партиски комуникациски сектор. Реагираат ЗНМ и ССНМ.

Ковачевски рече дека новинарите за дообјаснување е најдобро да го прашаат лидерот на ДУИ Ахмети, но притоа изнесе и личен став: Во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира: Доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија. Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес.

Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст.

Потсетуваме дека јавните функционери и останатите претставници на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија“.

Претходно ЗНМ издаде соопштение во врска со изјавата на Ахмети:

Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување.

Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.

И новинарскиот синдикат ССНМ реагираше на изјавата на Ахмети:

ССНМ смета дека ваквиот говор на Ахмети е недозволив и крајно опасен за слободата на говорот и на медиумите во земјава, како и за демократскиот амбиент за кој тој декларативно се залага во изминатите дваесетина години. ССНМ уште еднаш сака да потенцира и предупреди дека ваквото квалифицирање на медиумите од страна на политичарите, може да предизвика непријателско однесување кон новинарите и медиумските работници, загрозувајќи ја нивната безбедност.

Синдикатот на новинари и медиумски работници остро реагира и на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски со која тој се впушти, како што се нагласува, во квалификација и ревидирање на уредувачката политика на одредени медиуми.

Сметаме дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи, вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично.

Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество.

Предочуваме, дека јавноста односно граѓаните не смее никој да ги потценува и тие се оние кои го носат крајниот суд за тоа дали одреден медиум си ја врши добро или не работата која е од јавен интерес“, се вели во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.