Политичката партија Левица во свое соопштение открива дека по назначувањето на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство, партијата ДУИ има нов, според нив, „пион“ за шеф на Вишото јавно обвинителство, чиј избор беше одложен.

„Денес Советот на јавни обвинители го формализираше пионот на ДУИ, Ислам Абази, за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Изборот за нов шеф на Вишото Јавно обвинителство Скопје беше одложен, а еден од кандидатите е досегашниот обвинител Мустафа Хајрулахи“, велат од Левица и додаваат:

Токму Хајрулахи, како шеф на ова обвинителство, го држеше предметот во фиока за првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ повеќе од една година, наместо законски предвидениот рок од месец дена и не го доставуваше до Скопска апелација, се наведува во написот.

„Истовремено, во Академијата за судии и јавни обвинители избрани се како кандидати, меѓу другите и синот на Таљат Џафери, како и сопругата на новиот шеф на ОЈО за ГОКК од ДУИ. Недовербата во целокупниот правосуден систем, непотизмот и неказнивоста на функционерите на ДУИ ја поткопува темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото“, продолжува написот.

Јасно е дека амнестираната ДУИ, со директно узурпирање на правосудниот систем, обезбедува гарантирана неказнивост на своето криминално владеење, додека СДС прераснува обична пајтон партија во оваа корумпирана владејачка коалиција, соопштуваат од Левица.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.