За жал гледаме дека падот на демократијата и молчењето на институциите практично им овозможуваат на оние кои не ѝ мислат добро на Македонија да промовираат најгрозоморни идеи и ликови од мрачни делови од историјата. Сето она што ни се случува антимакедонското движење, асимилаторски тенденции, негирање на македонскиот јазик и идентитет, промовирање на ликови кои се поврзани со иредентистички барања за жал доаѓаат како резултат на политиката на СДСМ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков за „Само вистина“ на Канал 5, во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.

„Вистинското прашање е зошто потфрлаат институциите во Македонија, зошто ова го дозволуваат, зошто премолчуваат и зошто дозволуваат овие провокации да ни се случуваат во Македонија и да има вакви немили слики“, рече Лефков.

Во врска со комисијата која ја формираше владата за имиња на организации и клубови, Лефков посочи дека власта кога не сака нешто да се заврши формира комисија.

„Тоа гледаме и со енергетската криза, како се формираат совети а стопанството никако да добие помош. Уште во мај и август за овие клубови обвинителството отвори постапка и се уште се во предистрага. Она што граѓаните може да го забележат се изјавите на Заев дека сме еден народ и зборуваме ист јазик со Бугарите што наиде воодушевување во Бугарија. Сега го имаме овој сплет на настани, а Бугарија кога стана членка во ЕУ имаше изјави дека немаат отворени прашања со соседите. Погледнете до денеска каков пресврт имаме особено по потпишувањето на фамозниот Договор за пријателство и соработка“, истакна Лефков.

На тоа дека власта немала механизми да го спречи името на Борис Трети да се најде на ваков клуб, потсети дека видовме како беше забранет зборот „Македонија“ при регистрирање на здружение и фондации,  затоа посочи да не се вади Тупанчевски дека немале механизми да забранат.

„Има механизми, факт е дека потфрлаат кога треба да има јасни реакции во заштита на македонскиот идентитет. Институциите потфрлаат кога треба да се спротивстават на барањата на Бугарија, јасно е тоа и тоа е поврзано со договорот кој го потпиша Заев со Борисов. Ќе поднесеме закон кој ќе ги регулира овие ситуации да избегнеме вакви изјави дека не биле во можност да спречат, ние остануваме на ставот дека сето ова можеше да се спречи“, истакна Лефков.

При своето гостување Лефков потсети дека иницијативата за референдум поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја одби Талат Џафери, односно се дрзна мериторно да одлучува, се повика на член 118 од Уставот и повика дека меѓународен договор не можел да биде менуван со закон.

„Ние во тој момент не поднесовме предлог на закон туку поднесовме предлог за граѓанска иницијатива за референдум, а референдумот се знае дека е непосреден начин на изјаснување на граѓаните. Практично претседателот на Собранието или спикерот Талат Џафери влезе во една политика за заштита на власта на оваа коалиција СДСМ – ДУИ и за жал непринципиелно, мериторно без да ја достави иницијативата до законодавно – правната комисија и до комисијата за политички систем и мериторно одлучи во името на цело Собрание и ја отфрли“, потсети Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.