Изразуваме голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите запрепродажбата на лекови и оставање на болните од карцином без терапија на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Откако МВР и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје влегоа во оваа здравствена установа за да направат претрес во рамки на предистражната постапка поврзана со одземањето на терапиите за болни од рак и продавање на црниот пазар од страна на вработени во Клиниката, реагираа од Либерално-Демократската партија.

„Злоупотребите за кои слушаме се пораз на општествениот систем си значат повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, како и прекршување на основното човеково право на живот. Либерално-Демократската партија ги охрабрува засегнатите институции внимателно и транспарентно да ја водат истрагата, односно да не дозволат повторно да сведочиме на немање одговорност и прикривање на вистинските факти. Оние кои правеле злоупотреби со цитостатици и ги ставиле во опасност човечките животи, треба да одговараат и да го знаеме нивното име и презиме, час поскоро.“ – вели претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

Таа додава дека секој човек е важен и има еднакво право на соодветен третман во здравството.

„Секој од нас може да се најде во состојба да му е неопходна терапија за да си го продолжи животот. Не дозволиво е повеќе да ни умираат децата, родителите, ние за некој неовластено да стекнува финансии. Секој човек е важен и има еднакво право на соодветен третман. Затоа повикувам и на морална одговорност на менаџментот на Клиниката и кривична одговорност и јавно објавување на сторителите. Потребна е итна реорганизација на здравствениот систем и поставување на систем на индивидуална одговорност.“ – истакна претседателката Зајкова.

Од партијата потенцираат дека му даваат поддршка на Јавното обвинителство и другите органи и очекуваат што поскоро да се расчистат сомнежите, како и да се споделат со јавноста точни информации за тоа што се случувало на Клиниката за онкологија која е единствена здравствена установа од ваков тип и таму се лекуваат најголем број пациенти болни од рак.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.