Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски. Против него е покренато обвинение за нарушување на јавниот ред и мир со тоа што лично тој ја презеде одговорноста за поставување на знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид, за празникот Богојавление.

Денешното рочиште не се одржа, како што беше речено, поради здравствени проблеми на судијата Милчо Клишески кој го води предметот, а наредното ќе биде закажано дополнително.

И овојпат не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи, од каде против него е покрената прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело со кое е истакнато „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.

Несериозен однос од Судот, прво требаше да нè известат дека судијата се разболел, дека нема да се одржи судењето. Второ, воопшто никој не се појавува на судењата од страната која го поднела обвинението… Сега е целта да се калкулира со овој предмет, да не се будат страстите кај Македонците бидејќи не знаат како да се справат во овој предмет. Од една страна сакаат да ме осудат, а според правото треба да донесат ослободителна пресуда бидејќи тој го што иницирал треба да се појави и да образложи. Во спротивно кадијата те тужи, кадијата те суди, рече Менкиноски.

Менкиноски, кој инаку ги застапува Македонците во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур, за медиумите рече дека негова цел е да извојува победа, за знамето со македонското сонце од Кутлеш да може слободно да го вее секој оној кој себеси се идентификува за Македонец како знак што го смета за свое културно историско и национално наследство.

Не смееме да дозволиме пракса да ни биде забрането да го истакнуваме ова сонце. Ќе одиме и до Стразбур и до други меѓународни институции како Обединетите нации итн, рече тој.

Адвокатот Менкиноски ја презеде одговорноста за поставувањето на големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самоиловата тврдина во центарот на Охрид, за верскиот празник Водици и во уште една прилика кога беше организиран протестен собир на група граѓани за поддршка на осудените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Инаку, и денеска како и за време на претходните рочишта по предметот, група граѓани на Охрид се собраа пред Основниот суд во Охрид за да му искажат поддршка на обвинетиот.

Поддршка за Менкиноски има и од јавноста на социјалните мрежи. Меѓу оние кои покажаа поддршка е и пејачот Ламбе Алабакоски, кој напомена дека на адвокатот му се суди неправедно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.