Куманово го чествува празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и 83 години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Бројни делегации, предводени од Здужението на борците Куманово, градоначалникот на општина Куманово, делегација од Владата, од Собранието, од кабинетот на претседателот, Армија, МВР, државни институции, амбасадори и претставници од амбасади, установи, политички партии, здруженија на граѓани, денеска положија цвеќе на Спомен костурницата во Куманово.

Пред присутните се обрати кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој рече дека е гордост да се оддава почита на храбрите борци и херои кои ги дадоа животите за слободна Македонија. Во говорот се осврна и на формирањето на козјачкиот и карадачкиот одред од кумановско, како предводници на слободарските тенденции на народот.

11 Октомври ја испиша македонската историја, која нè мотивира да одиме напред, да имаме повеќе доверба едни во други. Денот кога е поставен еден од темелите на македонската државност е симбол на визијата, храброста, пожртвуваноста на борците, рече Димитриевски и повика да не се заборава датумот кој е чекор напред во поддржувањето македонската традиција, на напредното општество, против негација на општочовечки вредности.

Тој повика љубоморно да се чува земјата од сите зла, зашто, како што истакна друга, резервна татковина немаме.

Денеска живееме во држава полноправна членка на НАТО, се стремиме да влеземе како еднаква членка во големото европско семејство, но за жал, сè уште во 21 век не се надминуваат стеротипите од минатото, сè уште доаѓаат континуирани негации однадвор на македонскиот јазик, идентитет, култура, историја, самобитност. Денес се обидуваат да нè убедат дека окупаторите коишто ги убија сите овие борци на Спомен костурницата и ширум Македонија и одземаа голем број на животи, граѓани на Македонија, не биле окупатори, туку биле администратори. Ние добро си ја знаеме историјата, ќе ја почитуваме, ќе ја негуваме, нема да дозволиме никому да ни ја смени. Тоа е наш долг кон предците кои ги положија своите животите за независна Македонија. Не постои цена за членство во ниту една организација или сојуз која ќе ни го промени ставот и ќе нè наведе на непочитување на сопствената историја, изградена на многу изгубени човечки животи, рече во говорот Димитриевски.

Честитајќи им го празникот на бројните граѓани и присутни, тој повика на сплотеност, на меѓусебна почит, на напредок на државата, со заеднички сили и напори да се изгради стабилна и сигурна иднина.

Пред присутните зборуваше и претставник од здружението на борците и негови поддржувачи. Благе Јакимовски кој во говорот кажа дека на денешниот ден на македонското востание и денот на борецот, сите треба да искажат благодарност за сите кои учествувале во борбата, кои се вложиле за национална и социјална слобода и учествувале во создавањето на Македонија. Тој кажа дека борците покажале огромна „храброст и пркос во борбата против фашистичка Германија и нејзините сателити“ и повика идните генерации достојно да ги одбележуваат значајните датуми.

Владината делегација ја сочинуваа министрите за јавна администрација и за спорт, Горан Минчев и Борко Ристовски и заменик министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски. Цвеќе положија и пратениците, Бране Петрушевски, Оливер Спасовски и Павле Арсоски.

Куманово достојно со бројни културни и спортски манифестации го одбележува 11 Октомври. Денеска ќе се одржат бројни настани на отворено фестивали „Куманиум“, „Гитаријада“ и „Арт Атак“, изложба на олдтајмери, турнири во фудбал, пинг-понг, ракомет, атлетски митинг во атлетика, велосипедска трка, над десетина манифестации наменети за сите возрасти.

Спомен костурницата изградена е во 1957 година, ја проектирал архитектот Кочо Зордумис, спомениците ги изработил вајарот Сретен Стојановиќ. Централна положба е скулптура на жена со високо подигнато класје и обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во народноослободителната војна од кумановско.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.