Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која минатата среда излезе на предупредувачки протест пред Владата, е разочарана од односот на Владата бидејќи, според нивни информации, во Собрание веќе е поднесен Предлог-законот за административни службеници по скратена постапка.

Ова законско решение, сметаат од КСС, е манипулативно бидејќи со него ќе се зголемат платите на вработените во јавниот сектор само по 100 до 200 денари. Ги повикуваат пратениците да не гласаат за овој закон и како што велат, да застанат на страната на работниците.

Вчера дознавме дека Законот за административни службеници онака како што сакаат да го донесат, на еден понижувачки начин, е поднесен по скратена постапка во Собранието. Тој закон не носи ништо добро, само по 100 до 200 денари покачување на платите на вработените во јавниот сектор и со тоа продолжува манипулацијата, а кажавме дека решението е едноставно – тоа е членот 88 од сегашниот Закон – истакна претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.

Незадоволството кај членството, рече Ралповски, е се поголемо и се бара радикализација на идните чекори што би се реализирала во скоро време.

КСС дава поддршка на Синдикатот на УПОЗ, кој утре и задутре организира двочасовен прекин на работата во управата и правосудството, но, како што вели Ралповски, не знаат дали членството да го повикаат на протест или штрајк.

Го поддржуваме штрајкот на УПОЗ, но мораме да кажеме дека уште кога беше најавен, испративме допис до нив во кој ги поддржуваме заради обединување на работниците и заради истата цел – платите на вработените во јавниот сектор. Тоа беше на 1 април, но не добивме одговор. Вчера повторно испративме допис до Синдикатот на УПОЗ и побаравме да седнеме заеднички и да ни кажат дали е тоа протест или штрајк затоа што се одвива во работно време. Добивме одговор од една реченица – со оглед дека имале големи обврски дека не можат да се состанат со нас и дека не повикуваат на 7 и 8 април. За што да го повикаме, за кое барање? Дали на протест или на штрајк? Нека се изјаснат – рече Ралповски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.