Кривичен суд излезе со контра обвинување во кое посочува дека Бојан Јовановски ја манипулира јавноста, а штетата ја сноси покојниот судија Огнен Ставрев. Тие го повторуваат она што и Јовановски го кажа, дека станува збор за неправосилно решение. Потврдуваат дека решението на кое стои името на покојниот Ставрев, а до него и ознака „с.р.“ што значи своерачно, го потпишала судијката Бранка Наумоска.

„Конкретното решение е донесено од судијата Ставрев по анализа на целокупната медицинска документација и мислења. Но, со оглед да, заради здравствени причини судијата замина на боледување, писмено изготвеното решение било потпишано од вториот судија во одделот, судија – Бранка Наумоска, користејќи ја претходно усогласената судска пракса и Правното мислење на Врховниот суд на РСМ“, велат од Кривичен суд.

Во правното мислење стои: „Кога во законот нема експлицитна одредба што со предметите кои му се доделени во работа, ќе се постапува на следниот начин: – во предметите каде е објавена одлуката, а писмено не е изготвена и потпишана од судијата, со Одлука Претседателот на судот ќе определи судија, кој писмено ќе ја изработи одлуката, во состав на судот – советот кој го пресудил предметот и ќе ја потпише со запирка. – во предметите каде одлука не е објавена, и кај оние предмети каде главниот претрес е завршен, одлуката не е објавена, а е изготвена во АКМИС и не е верификувана, ќе се преотвори нов главен претрес и ќе се донесе и објави одлука од судијата – (советот) на кој тој предмет му е доделен во работа“.

Од Кривичен суд дополнуваат дека Јовановски е лекуван и хоспитализиран во болница. Се повикуваат и на мислењето дадено од јавниот обвинител.

Заради целосно запознавање со случајот, правниот тим на Јовановски, потребно е до медиумите да ја достави целокупната медицинска документација вклучувајќи го и милењето на Лекарскиот колегиум составен од повеќе професори од ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, изготвено на 23.01.2023 г. по барање на судот, а во кое е наведено дека „општата здравствена состојба на осуденото лице НЕ е компромитирана со оглед на неговите претходни зафати и е потребно нејзино понатамошно следење “, како и мислењето на надлежниот Јавен обвинител кој смета дека врз основа на приложената документација, барањето за прекин треба да биде одбиено. Јавноста воедно треба да биде запознаена дека осудениот Јовановски во изминатите 6 месеци, со дозвола на судот, неколку пати бил хоспитализиран и му се дозволени сите, неопходни прегледи поврзани со неговата здравствена состојба. Истиот за целиот овој период почнувајќи од 25. 07. 2022 година, со неколку прекини, па до денес е времено згрижен во соодветна клиника. Заради сето тоа судот апелира да не се манипулира со јавноста на „морбиден и мононструозен“ начин, како што квалификува Јовановски, особено што се злоупотребува и името на покоен судија“, додаваат од Кривичен суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.