Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ со новиот предлог ги прифаќаат сите бугарски барања, обвинува пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој истакнува дека бугарскиот предлог е капитулација, а Ковачевски и Османи ја капитулираат Македонија.
Ковачевски, Османи и Маричиќ се на пат да спроведат Бугаризација.
Ова не смее да помине. Премногу е!
Предлогот кој Ковачевски, Османи, Пендаровски и останатите го претставуваат како модифицирана верзија, всушност е истата која наводно ја одбија пред една недела. Тоа е првата лага на Владата. Во овој предлог наместо отворање на европерспектива, се овозможува легална рамка Бугарија да условува со идентитетски теми, јазикот, историјата, промени на учебници, споменици, настани и други понижувачки барања.
Тоа Османи и Ковачевски им го обезбедуваат на бугарската страна преку годишните извештаи за спроведувањето на членот 12 од билатералниот договор од 2017-та кој што се однесува токму на овие чувствителни прашања. Па така ако на Бугарија не и се допадне некоја реченица во учебник, некоја лекција за Гоце Делчев или Илинденското востание, тие преку овој механизам би го блокирале пристапувањето на Македонија, само затоа што на тоа се согласила нашата страна.
Согласно овој Протокол, кој владата го нарекува годишен извештај, а кој е дел од условите за преговори, Македонија се обврзува на промена на учебник по географија за 7-мо одделение до почетокот на идната учебна година, промена на лекциите за Цар Самоил согласно одлуките на Комисијата за историја, заеднички годишен календар за 2022 и 2023 година за заеднички прослави на заеднички историски настани и личности.
Дозволете ми да цитирам само еден дел од Протоколот кој Владата сака да го сокрие:
„Двете страни да подготват и презентираат примероци од лекции врз основа на препораките на Комисијата, за кои Комисијата постигна согласност приложени кон Протоколот на следниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и да ги вклучи во иднина на соодветните наставни програми, учебници и други релевантни наставни материјали, натписи на табли, историски монументи, споменици и информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и во електронски информативни досиеја на јавен имот“.
Ова е срамно. Ова е капитулација. Ова е свесна согласност на владата за прифаќање на сите бугарски барања, прифаќање на асимилација како услов за членство.
Дополнително, Дури и самиот фактички почеток на преговорите, односно отворањето на кластери е условено со промена на македонскиот Устав. Ова само покажува дека се работи за усложнување на процесот на преговори кој не важел за ниту една земја кандидат претходно. Со други зборови ако се прифати предлогот самите како земја даваме согласност Бугарија да има право да блокира постојано и на тој начин или ќе станеме вечни преговарачи или пак ќе се асимилираме по бугарски диктат.
Македонија мора да бара евроинтеграцијата да се води исклучиво на досегашните европски принципи и вредности, а не преку ултиматуми и уцени.
Затоа вечерва од 19:00 часот пред Влада на Република Македонија има протест против понижувачкиот и асимилаторски предлог кој ни го нудат Ковачевски, Маричиќ и Османи.
Ова не е партиски протест.
Ова не е протест на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е протест на народот на Македонија.
Ова е протест на Македонците ЗА Македонците.
Ова е протест на граѓаните на Македонија ЗА Македонија.
Ова е гласно кажување НЕ на обидот за асимилација и бугаризација на Македонците.
Ова е гласно кажување НЕ за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот јазик.
Ова е гласно кажување дека Гоце, Даме и Јане се Македонци, а не се Бугари!
Протестот е гласно предупредување и потсетување дека 100-те стапа што мислат дека ги маваат по туѓ грб и дека не болат, дека имаат два краја.
Почитувани Македонци,
Планот и стратегијата кои ни ги споменува Ковачевски не се негови, туку туѓи.
Ковачевски и Османи работат за туѓи, а не за македонските национални интереси.
Престанете да ја навредувате интелигенцијата на Македонците!
Го повикуваме македонскиот народ, граѓаните на Скопје, граѓаните на Македонија, македонската интелектуала, колумнисти, лекари, естрадни уметници, припадници на безбедносни сили, војска, полиција, царина, од левичари до десничари, слободно-мислечки граѓани, партиски определени или неопределени.
Ги повикуваме членовите и на симпатизерите на нашиот политички опонент СДСМ.
Сега е моментот да покажеме единство, да ги надминеме партиските разлики и недоразбирања, и да испратиме јасна порака дека нема да дозволиме да ни ја ретушираат македонската историја, да ни ги менуваат македонските учебници и да ја избришат колективната меморија на македонскиот народ.
Оти без македонски народ, ќе го нема ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ, ниту друга македонска партија.
Време е за разум и кревање глас.
Се гледаме вечер во 19 пред Влада – порачува Ковачки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.