Премиерот Димитар Ковачевски денеска во телефонски разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина, соопшти владината прес-служба.

Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија, истакнал Ковачевски.

Во разговорот станало збор и за досегашната помош и поддршка која Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакнал благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Македонија, било нагласено на средбата, и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Особен фокус на разговорот бил развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, Ковачевски најавил дека ќе ја посети Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.