Сметам дека сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија.

Тој одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат.

-Уставните измени според тоа не се ниту еден човек што треба да ги спроведе, не се ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една Влада, туку тоа е процес пристапување кон ЕУ којшто е за целото општество заради остварување на повисок стандард, повисоки плати и да можат нашите граѓани да живеат на земја членка на ЕУ, ама тука, во нашата држава во Македонија, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во други држави кои што се членки на ЕУ, потенцираше премиерот.

Тој истакна дека уставните измени се пропишани со закон, и оти целата процедура е многу јасна транспарентна, која што се води од страна на Министерството за правда со експертска група која што ќе биде формирана, во која што ќе учествуаат сите експерти, а потоа истиот процес се спроведува во Собранието.

-Ние како држава покажавме дека сме фактор за стабилност на Балканот и најголемата потврда за тоа дојде на крајот на минатата недела кога во Скопје се одржа Советот за асоцијација и стабилизација со ЕУ каде што сите можевте и заедно со нашите граѓани да ги чуете јасните ставови на потпретседателот на ЕУ и на комесарот за проширување во коишто јасно кажаа дека преговарачката рамка за нас е многу јасна, која што е поддржана од сите 27 земји членки, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.