До следната недела треба да има работен материјал за законското решение за корекција на функционерските плати. Откако вчера е отворена дискусија во Владата, работна група од економските ресори треба да подготви издржано решение што нема да биде поништено од Уставниот суд, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ковачевски рече дека не може да има еден коефициент за пресметка на платите бидејќи различни носители на функции од различни области, имаат различни коефициенти.

Не може да се каже кој ќе биде коефициентот за пресметка и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на двапати беше оспорена на Уставен суд и на двапати беше укинато едно такво решение како неуставно и неусогласеност со Уставот во однос на тоа дека се дерогира системот на плати. Затоа треба да се работи на решение кое што ќе биде издржливо. Кога зборуваме за коефициенти тогаш се работи за поголем број на коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, обвинителството, судството и нормално локалната самоуправа. До идната недела очекуваме да имаме работен материјал – рече Ковачевски.

Потсети дека зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти беше направено врз основа на одлуката на Уставниот суд во март годинава со којашто се укина одредбата за замрзнување на основицата на платите на 1050 избрани и именувани функционери.

Вчера е отворена дискусија во однос на тоа како би требало да изгледа тој модел. Во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение што ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што сакаме да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо. Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура – рече Ковачевски.

Тој потсети дека пред одлуката на Уставниот суд беше најавен закон за плати со којшто треба да се стави ред во платите во јавниот сектор, да се знае која е највисоката плата, како и останатите нивоа согласно одредени критериуми.

Во МИОА исто така во изминатиот период работеа на тоа решение. Тоа решение исто така мора да биде усогласено со повеќе различни страни бидејќи зборуваме за плати што се однесуваат не само на 21 член на Влада, туку и на 120 пратеници, на 80 градоначалници, на скоро 600 судии, обвинители, итн. Министрите работат на тоа и сметам дека во догледно време ќе има решение – посочи Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи претходно најави дека на вчерашната седница на Владата ќе бидат предложени измени на Законот за платите на функционерите, а од корекцијатата на износот, дел од средствата ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.