Во обраќање пред присутните на вечерашниот завршен митинг во Скопје, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека не бегаат од одговорност и свесни се за кадровските, политичките и коалициските грешки и за разлика од Мицкоски и Груевски, СДСМ не бега од одговорност и не се крие.

„За направените грешки, ние ја добивме казната. Потполно сме свесни за тоа и ја примивме пораката со достоинство и со почит. И вие видовте и самите, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме. И затоа, сакам да ви порачам од тука, јасно и гласно: ако ја добиеме довербата од граѓаните, тоа повеќе нема да се случува. Тоа е моето ветување до вас“, изјави претседателот Ковачевски.

Ковачевски додава дека стигнавме многу далеку, од заробена држава со угнетени медиуми, истепани студенти, заробено судство и криминал, денес да бидеме земја-членка на НАТО и со започнати преговори за влез во Европската Унија.

„ И за тоа да продолжи мора да се бориме, да продолжиме да ја менуваме Македонија, и да ја направиме европска држава! Да обезбедиме систем за сите, да можат законите да важат за сите, да има исти права за сите, да има ред и поредок, повисок стандард, безбедна и стабилна земја! И за тоа да се случи, има само еден пат, има само еден начин! Со членството во ЕУ, со поддршката на Европската Унија, со нашите стратешки партнери САД и сите наши сојузници кои треба да ни помогнат да направиме подобро место за живеење во Макеоднија а не нивните места да бидат подобри места за живеење за Македонците. Членството во ЕУ е единствениот начин за суштински промени во државата. “, им порача претседателот Ковачевски на скопјани.

Поради ова, додава Ковачевски, ја креирале Програмата за европска иднина, со зголемени плати и пензии, поголема поддршка на младите, подобри услови во образованието, јавното здравство, бизнисот и други општествени сфери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.