Премиерот Димитар Ковачевски смета дека има доволно време за да се донесат уставните измени и дека суштински е овој процес да се води низ дебата. Верува дека и во ВМРО-ДПМНЕ има европски капацитет.

– Она што сметам дека е важно е овој процес да се води низ дискусија и опозицијата да сфати дека треба да учествува во овој процес. Важно е за партијата да биде дел од тој процес. Верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ има европски капацитет којшто тоа може да го направи и сметам дека имаме доволно време пред нас тоа и да се случи бидејќи во спротивно алтернативата е блокада и изолација, вели Ковачевски во интервју за телевизија 21.

Посочува дека опозицијата досега не учествувала во ниту еден важен процес за државата.

Во однос на неговите очекувања за средбата меѓу лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, премиерот со став дека не коментира средби на кои не присуствува.

Едно стана јасно на денот на поднесување на уставните измени на пленарната седница во Собранието, а тоа е дека кај нас постои европска коалиција којашто е за европска интеграција на државата, а тоа е истата коалиција која обезбеди членство на државата во НАТО и од друга страна непроменетата политика на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, во однос на изолација на државата. Тоа се истите партии кои што беа против зачленувањето во НАТО и многу други процеси, истакнува Ковачевски.

Осврнувајќи се на денешната средба со Ескобар, премиерот нагласува дека САД сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ.

Заложбите на Владата и она што Владата го работи како проевропска Влада апсолутно се совпаѓаат со стратешките интереси на САД и тоа беше истакнато, дека секогаш се ценат како партнери оние што се ЗА поддршка на НАТО и европските интеграции и на владеењето на правото во државите, вели Ковачевски.

Политиката на блокада и изолација, вели Ковачевски, е кочење на процесите кои значат подобар живот и интеграција на државата.

Посочува дека иако опозицијата обвинувала оти со Преговарачката рамка ќе се случи бугаризација и асимилација, а сепак една година подоцна, тоа не се случило.

За една година сите се уверивме дека јас останав Македонец, вие Албанец и сите се тоа што биле, што биле нивните претци и што ќе бидат нивните деца, рече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.