Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во интервју за „Клик плус“ на ТВ21 порача дека не може да се разговара за парцијални барања од двете страни и дека договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото за почнување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ.

Тој додаде дека политичките прашања со Бугарија се разговараат меѓу експертите од министерствата за надворешни работи, кои разменуваат идеи и одржуваат состаноци, но дека во моментов не постои документ прифатлив за двете страни.

– Финален документ, прифатлив за двете страни во моментов нема. Кога таков документ ќе е достапен, тој ќе биде споделен со институциите и во нашата држава и во Бугарија, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека решението со Бугарија треба да биде базирано на задржување на достоинството на двата народа во двете држави, бидејќи само така ќе се дојде до решение, порачувајќи дека никој нема право да ја нарушува гордоста на граѓаните на двете држави, додавајќи дека македонскиот Устав не е книга која кога сакаме ја отвораме или затвораме.

Повтори и дека за македонскиот јазик и идентитет воопшто не сака да разговара.

– Идентитетот и јазикот воопшто не се предмет на разговор. Тоа не е предмет на разговор, ниту сум разговарал, ниту ќе разговарам за идентитет и јазик на македонскиот народ. Тоа е нешто што е наше, нешто што сме го имале, што го имаме и што ќе го имаме во иднина и тоа е тоа што нас не идентификува како народ, порача Ковачевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.