Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека  ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на искажаниот став во однос на уставните измени и да се работи на ниво на работни групи и да се договорат деталите, потенцирајќи дека со внесувањето на Бугарите во Премабулата на Уставот паѓа во вода тезата за „еден народ во две држави“.

– Не толкувам што е јавно кажано и јавно презентирано пред медиумите, а преку медиумите и до јавноста. Сите можевме да видиме на прес-конференцијата после лидерската средба на 7 јуни дека позициите беа приближени. Прво, дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлива промена на Уставот. Тоа беше кажано јавно на телевизија, бидејќи пред тоа, тие излегуваа дека не е прифатливо под кои било околности промена на Уставот. Тоа тогаш беше променето, јавно кажано, рече Ковачевски.

Премиерот потсети дека од ВМРО-ДПМНЕ собирале нотарски изјави на кои се потпишувале пратениците и дека партискиот лидер Христијан Мицкоски тврдеше дека ќе даде оставка ако и еден пратеник на партијата гласа за уставните измени, но оти сето тоа со изјавата на 7 јуни е тргнато на страна. И сега, додаде Ковачевски, имаме позиција во која што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени и внесување на делови од други народи во Преамбулата на Уставот.

– Втората работа, дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата, исто така беше кажано на прес-конференцијата, што потврдува нешто друго, а тоа е дека исто така не важи веќе дека оваа Влада нема легитимитет и дека Собранието нема легитимитет да носи одлука во делот на продолжување на европскиот пат. Имаше уште еден услов од страна на претседателот на ДПМНЕ, а тоа е партијата ДУИ да не биде дел од Владата: Тие веднаш на прес-конференција кажаа дека ДУИ е подготвен да поддржи Влада по усвојувањето на уставните измени, рече премиерот Ковачевски.

Според него, таквата Влада треба да биде Влада на големо, широко обединување во која треба да учествуваат сите и која треба да ги заврши уставните измени и скринингот, да ги отвори кластерите заедно и да затвори барем две поглавја од првиот кластер и потоа да се оди на избори.

– Дали со таа влада, дали со техничка влада согласно закон, тоа е работа на договор, вели Ковачевски.

Сега останува, како што нагласи, ВМРО-ДПМНЕ да остане на искажаниот став и да се работи на ниво на работни групи и да се договорат деталите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.