– Премиерот Димитар Ковачевски заедно со владината делегација која е во дводневна посета на Ватикан и Рим по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска положи венец со цвеќе пред спомен плочата посветена на делото на светите браќа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Како што соопшти владината Прес-служба, базиликата „Санта Марија Маџоре“ има посебно место во хронологијата на мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј, бидејќи во неа папата Адријан Втори во 868 година ги осветил книгите што светите браќа ги подготвиле за да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи.
– Во оваа базилика на Санта Марија Маџоре папата Адријан Втори во 868 година ги освети донесените словенски книги во Рим од светите браќа Константин Кирил и Методиј, создавачите на словенската писменост. Од благодарниот македонски народ, гласи текстот во чест на Свети Кирил и Методиј, што на македонски јазик, заедно со италијанскиот, е испишан на спомен плочата поставена во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.
Во деветтиот век базиликата Санта Марија Маџоре била времено седиште на римскиот папа сѐ додека папската резиденција не била преместена во палатата во Ватикан, каде се наоѓа и денес.
Претходно денеска, премиерот Ковачевски се сретна со Франциск во Ватикан, а во придружба на министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.