Победата на СДСМ на вонредните локални избори е порака на граѓаните дека гледаат напред и успеваат да го разобличат евтиниот популизам, вели во интервју за „Политика“ претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.

Пред само една недела имавме повторени локални избори и победивме секаде каде што имаше СДСМ кандидат. Тоа зборува многу за тоа дека граѓаните успеваат да го разобличат евтиниот популизам и непринципиелноста наспроти конкретната понуда и сработени проекти кои реално имале некаков бенефит за граѓаните во дадените општини. Неколку работи беа јасни со последните локални избори. Најпрво, граѓаните и во тешки времиња знаат да препознаат кој вистински работи за нив, кои се вистинските политики што носат напредок. Не сакаат блокади, доста им е од опструкции, сакаат едноставно да гледаат напред и да се развиваат. И она што е особено важно е тоа дека демократијата беше зајакната, имавме фер, слободни, достоинствени избори, како што доликува на една земја која претендира да биде дел од европското семејство – вели претседателот на СДСМ и премиер Ковачевски.

Тој додава дека во услови на криза кога на земјата и е потребна стабилност, изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година а СДСМ сериозно ќе продолжи да работи за ублажување на последиците од глобалната економска и енергетска криза.

Од овие причини, но и поради фактот што граѓаните едноставно не сакаат избори, особено во вакви услови на криза кога на земјата ѝ треба стабилност, изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024. До тогаш ние сериозно ќе работиме да ги ублажиме последиците од кризата исто како што правевме и досега – вели Ковачевски.

За промена на Уставот, Ковачевски вели дека е убеден, пратениците ќе бидат на висината на својата задача и дека кога ќе дојде времето, ќе донесат државничка одлука.

Што се однесува до Уставот, ние сме мултиетничка, мултикултурна функционална демократија, ние сме Европа во мало, нашата сила како земја се различностите кои нѐ прават автентични и тоа што сме денес. И на тоа сме особено горди. Отворањето на уставот и внесувањето на повеќе делови од народи кои живеат во Македонија, покрај оние кои веќе се во преамбулата, ќе значи само потврда на нашата определеност да креираме општество во кое сите имаат еднакви можности за развој. Јас сум убеден дека пратениците ќе бидат на висината на својата задача и дека кога ќе дојде времето, ќе донесат државничка одлука – вели во интервју за „Политика“ претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.