Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека студентите, кои за утре најавија протести пред Собранието, имаат право да се борат за своите права. Истакна дека за забалешките на студентите утре ќе има средба со ресорниот министер и оти е добро да се одржи собраниска седница на која ќе се дискутира за студентскиот стандард, како што иницира пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов. Ковачевски би присуствувал на таа седница бидејќи смета дека е добра можност за споредба на сегашниот со претходниот концепт за студентите.
Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски потсети дека студентскиот оброк како привилегија на студентите го воведе Владата на СДСМ и голем дел од бенефициите кои ги добиваат студентите биле по менувањето на власта во 2017 година.
Според него, важно е што имаше Закон за студентски оброк кој беше поднесен во Собранието меѓутоа во текот на утрешниот ден министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со претставниците на студентите ќе имаат состанок и со претставници на Парламентот, на различни парламентарни групи.
-Ќе имаат состанок во МОН каде ќе се разговара за забелешките на студентите во однос на предложеното законско решение. Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука, изјави Ковачевски по посетата на реконструираниот објект на полициската станица во Општина Гази Баба.
За барањето на пратеникот Павле Трајанов, премиерот Ковачевски смета дека е добро да има таква собраниска седница и најави дека сака и тој да присуствува на таа седница.
-Тука ќе можеме да го споредиме концептот. Трајанов е добар за таква седница бидејќи во времето кога беше во коалиција со премиерот Груевски знаете како студентите беа тепани по плоштади и пред Владата. И ќе можеме да споредиме со тоа како студентите се третирани денеска, од 2017 година до денес.Таква собраниска седница би била одлична можност да можеме да споредиме во какви услови работеа студентите и можеа да ги искажат своите ставови пред 2017 и по 2017 година, истакна Ковачевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.